
Државата им додели признанија на 19 спортисти за постигнати исклучителни резултати во екипните спортови
На свечена церемонија организирана во Владата, министерот за спорт, Борко Ристовски заедно со премиерот Христијан Мицкоски им врачија плакети за постигнати исклучителни резултати во екипните спортови на 19 спортисти.
Препорачано
Меѓу одликуваните се поранешните фудбалери Горан Пандев, Дарко Панчев, Илија Најдоски, кошаркарите Петар Наумоски и Перо Антиќ, „златните“ од Келн кои со Вардар ја освоија машката Лига на шампиони – Стојанче Стоилов, Петар Ангелов, Марко Мишевски, Марко Кизиќ, Владо Недановски и Мартин Поповски како и Елена Ѓоргиевска, Гордана Нацева, Мирјана Чупиќ, Милева Велкова, Анжела Платон, Лариса Кисељова, Елена Златановска Муратовска и Клара Боева кои со ракометниот клуб Кометал Ѓорче Петров пред 23 години ја освои женската Лига на шампиони.

На церемонијата, Горан Пандев, Петар Наумоски и Гордана Нацева во име на сите наградени и одликувани им се заблагодарија на министерот за спорт и Владата предводена од Христијан Мицкоски за доделените признанија.
Оваа награда, која претставува симбол на национална почит и поддршка за спортските вредности, им се доделува на спортисти кои постигнале исклучителни резултати во екипните спортови, особено на оние чии успеси досега не беа соодветно вреднувани.
Со последните измени во Законот за спорт, признанието може да се додели на спортисти кои се македонски државјани кои имаат освоено златен медал или прво место на официјално европско или светско сениорско клупско првенство во екипни олимписки спортови, како и на оние што имаат поставено светски или европски рекорд на официјални меѓународни натпревари.