Сцена од претставата „Гидионовиот јазол“ - Ања Митиќ и Биљана Драгиќевиќ Пројковска

Драмскиот театар со „Гидионовиот јазол“ ја отвори сезоната и ќе учествува на фестивалот „Ристо Шишков“

Претставата „Гидионовиот јазол“ ја отвори сезоната на матичната сцена на Драмски театар Скопје на 9 септември, а веќе на 11 септември претставата ќе се игра во Струмица во рамки на програмскиот дел на 33. издание на фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“, што годинава се одржува од 8 до 13 септември во НУЦК „Антон Панов“.

„Гидионовиот јазол“ на режисерката Драгана Милошевски Попова е претставата работена по текст на авторката Џона Адамс. Драматург на претставата е Викторија Рангелова – Петровска.

Улогите ги играат актерите: Биљана Драгиќевиќ Пројковска, Ања Митиќ и децата од Студиото за актерска игра „Прва проба“: Саша Димитриевска, Леа Стојков, Мина Ѓаку, Ина Прокоповска, Катја Бешлиева, Бистра Стефановска, Јана Нешевска, Матеј Марковски, Јоанис Далајоргос.

Режисерка Драгана Милошевски Попова во програмската белешка истакнува дека: „Претставата ‘Гидионовиот јазол’ е моќна и вознемирувачка приказна за вината, одговорноста, тагата и сложениот однос во комуникацијата, како и состојбите во образовниот систем, проблемите со кои се соочува детето низ периодот на детството. На училишна средба меѓу мајката Корин и наставничката Хедер, кој се случува по еден трагичен настан, преку деликатен, емотивно исполнет/напнат дијалог, се отвораат прашањата за детската креативност, слободата на изразување, за уметноста, за одговорноста на наставниците и за родителите, за социјалните мрежи, за врсничкото насилство, за осаменоста, преку кои постепено се разоткрива длабоката болка и се бара, па и се посочува можниот виновник“.

Авторката Џона Адамс е претставничка на новата генерација американски драмски автори. Таа е авторка на 20 драмски текстови во кои драмската структура ја гради преку исклучително јаки и богато нијансирани карактери и ги поставува во сложени меѓусебни психолошки ситуации. Друштвото на американските театарски критичари ѝ ја доделува наградата „Стинберг“ (Steinberg Award) за делото „Гидионовиот јазол“.

По одличниот прием на претставата „Гидионовиот јазол“ на матичната сцена, ова е втор настап надвор од сцената на Драмски театар Скопје по учеството на фестивалот РУТА во Сараево.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот