Биљана Драгиќевиќ Пројковска како Корин во претставата „Гидионовиот јазол“

Драмски театар Скопје со претставата „Гидионовиот јазол“ ќе гостува на фестивалот РУТА во Сараево

Драмски театар со претставата „Гидионовиот јазол“ на 16 мај ќе гостува на фестивалот РУТА во Сараево, Босна и Херцеговина. Од 12 до 17 мај во организација на „Камерни театар 55“ се одржува босанско-херцеговското издание на регионалниот театарски фестивал РУТА.

Премиерата на „Гидионовиот јазол“ беше на 9 мај и гостувањето во Сараево ќе биде петта изведба и прво гостување на претставата во странство. По претставата со актерите и уметничкиот дел од екипата ќе се организира тркалезна маса, отворена за новинарите и театарската публика.

Претставата „Гидионовиот јазол“ на режисерката Драгана Милошевски Попова е работена по текст на авторката Џона Адамс. Драматург е Викторија Рангелова – Петровска, инспициент Гоце Бојчев, а суфлер Жаклина Цветковска.

Улогите ги играат актерите Биљана Драгиќевиќ Пројковска и Ања Митиќ, како и децата од Студиото за актерска игра „Прва проба“: Саша Димитриевска, Леа Стојков, Мина Ѓаку, Ина Прокоповска, Катја Бешлиева, Бистра Стефановска, Јана Нешевска, Матеј Марковски и Јоанис Далајоргос.

Ања Митиќ како Хедер во претставата „Гидионовиот јазол“

Режисерката Драгана Милошевски Попова во програмската белешка истакнува дека: „Претставата ’Гидионовиот јазол‘ е моќна и вознемирувачка приказна за вината, одговорноста, тагата и сложениот однос во комуникацијата, како и состојбите во образовниот систем, проблемите со кои се соочува детето низ периодот на детството. На училишна средба меѓу мајката Корин и наставничката Хедер, кој се случува по еден трагичен настан, преку деликатен, емотивно исполнет/напнат дијалог, се отвораат прашањата за детската креативност, слободата на изразување, за уметноста, за одговорноста на наставниците и за родителите, за социјалните мрежи, за врсничкото насилство, за осаменоста, преку кои постепено се разоткрива длабоката болка и се бара, па и се посочува можниот виновник“.

Авторката Џона Адамс е претставничка на новата генерација американски драмски автори. Дипломира на Универзитетот „Де Паул“ (De Paul University) во Чикаго, магистрира на Факултетот „Хунтер“ (Hunter College) во Њујорк. Таа е авторка на 20 драмски текстови во кои драмската структура ја гради преку исклучително јаки и богато нијансирани карактери и ги поставува во сложени меѓусебни психолошки ситуации. Тематски обработува општествено актуелни прашања.

Нејзини најпознати дела се: „Гидионовиот јазол“ (Gidions Knot) со повеќе од 40 премиерни изведби низ целиот свет, како и „Светски градители“ (World Buillders), „Без милост“ (Sans Merci), „Ангел јадач“, трилогија (The Angel Eaters Trilogy). Друштвото на американските театарски критичари ѝ ја доделува наградата „Стинберг“ (Steinberg Award) за делото „Гидионовиот јазол“.

Наредните изведби на претставата „Гидионовиот јазол“ се на редовниот репертоар на Драмски на 23 и 31 мај, известија од Драмски театар Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот