Дополнително попишување е упад во пописот

Попис 2021
Попис 2021 / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Не може дополнително да се анкетираат тие граѓани бидејќи идентитетот е строго доверлива категорија и ќе се навлезе во интимата на тие лица. Ако отпосле се земаат тие податоци, кој може да гарантира дека врз тие лица нема да биде извршен етнички и политички притисок – вели поранешниот директор на ДЗС, Дончо Герасимовски.

На 132.269 граѓани што претставуваат 7,2 отсто од резидентното население и се трета категорија по бројност, по Македонците и Албанците, а кои не беа теренски попишани, односно податоците за нив се преземени од административни извори, нема дополнително да им се земаат податоци за етничката припадност, мајчин јазик и за вероисповед за да не се изврши упад во пописот, децидни се статистичарите.

Аналитичарите, пак, сметаат дека треба да се најде начин и дополнително да се анкетираат тие граѓани, бидејќи бројката не е занемарлива. Во спротивно, велат, недостигот на тие податоци ќе влијае врз планирањето и анализите во сферите каде што е битна етничката припадност, како и при истражувањето на јавното мислење.

Герасимовски: Идентитетот е строго доверлива категорија

– Откако базата со податоци ќе се затвори, отпосле таа не смее да се отвора и да се интервенира во неа со дополнување податоци. Тоа отпосле не може и не смее да се прави. Кога базата се затвора, секое влегување во неа се третира како упад. Тоа е строго забрането и е целосно надвор од правилата. Тоа не се прави ни во фазата на обработка на податоците, бидејќи може да води кон евентуална злоупотреба на податоците. Затоа исклучувањето на таквата опција не е случајно – изјави за „Дојче веле“ директорот на Државниот завод за статистика (ДЗС) Апостол Симовски.

Симовски при презентирањето на резултатите од пописот истакна дека 132.269 лица се дел од резидентно население, но за нив не постојат податоци за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик, бидејќи станува збор за чувство за кое тие граѓани самите треба да се изјаснат.

И поранешниот директор на ДЗС Дончо Герасимовски за „Слободен печат“ вели дека во досегашната практика на спроведување пописи, не се случило отпосле да се анкетираат граѓани и да се дополнуваат податоци.

– Со Законот е определен рок и критичниот момент за попишување. Ако дополнително се земаат податоци, тоа ќе биде дополнителен попис и упад во пописот. Во таков случај, може некому да му текне и да каже „погрешно сум“ се изјаснил за етничката или верската определба и ќе настане збрка кои се и што се тие граѓани. Не може дополнително да се анкетираат тие граѓани, бидејќи идентитетот е строго доверлива категорија и ќе се навлезе во интимата на тие лица. Ако отпосле се земаат тие податоци, кој може да гарантира дека врз тие лица нема да биде извршен етнички и политички притисок – вели Герасимовски.

Аналитичарот Александар Кржаловски смета дека би требало да има начин да се комплетираат податоците за тие лица.

– Не гледам причина да не може да се дополнат податоците за тие над 130.000 лица, бидејќи сè уште главната расправа е токму за етничката припадност. Податоците за етничката припадност уште се важни. Ако се дознаат податоците за тие лица, нема да се намали процентот ни на Македонците, ни на Албанците, туку ќе се зголеми, бидејќи ќе се распределат, во спротивно ќе остане простор за шпекулации. Ако не се комплетираат податоците, тоа ќе влијае врз анализите и истражувањата и колку податоците што ќе се добијат, ќе одговараат на реалната слика – вели Кржаловски.

За ВМРО-ДПМНЕ пописот е некомплетен

Административно попишаните лица се една од главните причини за најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ пописот да го оцени како некомплетен. Пратеникот Антонијо Милошоски смета дека бројката од 7,2 отсто неизјаснети покажува дека овој попис е некомплетен.

– Во Македонија денес беше објавено колку има население, како тоа население е дистрибуирано по региони, општини, по градови и како тоа население се изјаснило по етничка припадност. Но првпат во Македонија имаме една сериозна бројка од 7,2 отсто, или повеќе од 132.000, за кои ДЗС, и покрај тоа што ги има на располагање сите механизми од образование, до лични карти, матични броеви, изјаснување по други институции, не успеал да ја дефинира припадноста на овие 132.000 македонски граѓани, жители на државата – рече Милошоски.

Според него, тоа се 7,2 отсто жители што бојкотирале и дека треба да се има предвид дека пописот го бојкотирале Македонци. Заклучокот дека станува збор главно за непопишани Македонци, Милошоски го влече од податоци што ги имаат од образованието.

– Во Општина Аеродром имаме 5.247 Македонци што не се попишани, во Општина Ѓорче Петров имаме 4.450 Македонци што не се попишани, во Центар – 5.000, во Битола повеќе од 5.000, во Велес 4.700, Кавадарци 2.500, во Кочани 2.400, Охрид 4.300, во Прилеп 5.000 во Струмица имаме рекордни 6.640 Македонци што не се попишани. И со тоа сметаме дека оваа статистичка операција, не успевајќи да ги дефинира сите параметри на овие присутни жители во државата, го прави пописот некомплетен – вели Милошоски.

ВМРО-ДПМНЕ најави дека откако ќе ја преземат власта ќе спроведат нов, електронски попис кој ќе биде целосен.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот