Доли Партон и Карл Томас Дин / Фото: Profimedia

Доли Партон се збогуваше со сопругот: Тој велеше дека неговиот живот започнал на денот кога ја запознал

Карл Томас Дин, сопругот на славната кантри-ѕвезда Доли Партон, почина на 82-годишна возраст.

Тажната вест за смртта на нејзината голема љубов, Партон ја сподели на социјалните мрежи.

„Карл Дин почина на 3 март во Нешвил, на 82-годишна возраст. Ќе биде погребан на приватна церемонија во присуство на најблиското семејство. Остави зад себе брат и сестра, Сандра и Дони. Карл и јас поминавме многу прекрасни години заедно. Зборовите не можат да ја опишат љубовта што ја делевме повеќе од 60 години. Ви благодарам за вашите молитви и сочувство. Семејството бара приватност во овој тежок период“, напиша музичката ѕвезда во објава на Инстаграм.

Љубов на прв поглед

Доли и Карл се запознале во перална во Нешвил во 1964 година, а нивната љубов веднаш пламнала. Дин, кој ретко давал изјави за медиумите, во 2016 година за Ентертејмент тунејт откри што помислил кога за првпат ја здогледал Доли:

„Првата мисла ми беше: ‘Ќе се оженам со оваа девојка.‘ Освен тоа, веднаш ми се допадна како изгледа. И од тој ден, всушност, започна мојот живот. Не би ги менувал последните 50 години за ништо на светот,“ рекол Дин.

Човек далеку од светлата на јавноста

Иако бил сопруг на една од најпознатите кантри-пејачки, Дин секогаш го избегнувал вниманието на јавноста. Никогаш не присуствувал на официјални настани со Доли и ретко можело да се види заедно во јавност.

Две години по нивното запознавање, парот се венчал во мал град во Џорџија, Рингголд. На интимната церемонија присуствувале само нејзината мајка, свештеникот и неговата сопруга.

„Отидовме таму затоа што знаевме дека можеме да добиеме дозвола и да се венчаме истиот ден“, раскажа Доли во едно интервју.

Таа призна дека на почетокот не планирала брак.

„Не сакав да се мажам, ниту да најдам некого во таа фаза од мојот живот, но љубовта има свој пат. На крајот, се венчавме, и ова е мојот прв, но и последен брак“, открила пејачката.

Нетрaдиционален брак

Иако нивната љубов била силна, нивниот брак не бил традиционален. Партон никогаш не верувала во моногамија и отворено зборувала за нивната неконвенционална врска:

„Моногамијата е преценета. Тоа е монотонија. За нас е во ред ако имаме некого настрана. Но, не сакам да знам ако тој е со некоја друга, ниту тој сака да знае ако јас сум со некој друг,“ изјавила Доли, додавајќи дека токму Карл бил инспирацијата за нејзиниот култен хит „Jolene“.

Но, за разлика од песната, „вистинската“ Џолин не се обидела да го одземе Дин, туку само кокетирала со него.

„Беше лудо вљубена во мојот сопруг. Карл обожаваше да оди во банката затоа што таа работеше таму и му обрнуваше многу внимание. Често се шегував со него: ‘До ѓаволите, премногу време минуваш во банката! Не верувам дека имаме толку многу пари’“, раскажа Партон.

Тајната на нивната љубов

Во неодамнешно радио-интервју, Партон откри во што се крие тајната на нивниот долг брак:

„Заедно сме 59 години, а неодамна ја прославивме 57-годишнината од бракот. Мислам дека успехот на нашата врска лежи во искреноста, отвореноста и нашиот специфичен смисол за хумор. Тој е многу забавен и паметен човек“, изјавила пејачката.

А за да ја одржи искрата во бракот, Партон вели дека секогаш се труди да изгледа убаво за Дин:

„Секој ден се шминкам и ја средувам косата. Целиот свет ме гледа дотерана, па не можам да го изневерам Карл кога сум дома. Никој не сака да се бакнува со неуредна личност“, изјави за И њуз.

Карл Томас Дин остана запаметен како човек кој ја сакал Доли со сето свое срце, иако секогаш стоел во нејзината сенка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот