
Долгата ноќ на музеите во Австрија собра повеќе од 300.000 посетители
Долгата ноќ на музеите 2024, одржана на 5 октомври, собра повеќе од 300.000 посетители низ Австрија, со учество на повеќе од 660 музеи, галерии и културни институции. Оваа манифестација, организирана по 24-ти пат, им овозможи на љубителите на културата уникатна можност да посетат разновидни културни локации од 18:00 до полноќ. Освен Австрија, настанот вклучи и делови од Словенија, Лихтенштајн, Швајцарија и Германија.
Препорачано
Во Виена, каде што беа забележани најмногу посетители (повеќе од 151.000), централната манифестација беше на Плоштадот на Марија-Терезија (Maria-Theresien-Platz). Плоштадот е сместен помеѓу две импресивни згради: Природно-научниот музеј (Naturhistorisches Museum) и Музејот на историјата на уметноста (Kunsthistorisches Museum), кои се речиси идентични во својата архитектура. Во центарот на плоштадот се наоѓа величествениот споменик на царицата Марија-Терезија, која била една од најзначајните владетелки на Хабсбуршката монархија. Тоа е простор кој е важен културен и туристички центар во Виена, каде се одржуваат многу настани и манифестации, вклучувајќи го и овој, од каде што тргнуваа шатлови и пешачки тури кон музеите.

Цените на билетите беа приспособени за различни групи. Редовниот билет чинеше 17 евра и важеше за сите институции, а вклучуваше и користење на јавниот превоз во Виена. Имаше и билети за студенти и пензионери (14 евра), додека децата до 12 години имаа бесплатен влез.
Во сите музеи беа понудени тематски изложби и активности, како на пример, Куќата на Моцарт (Mozarthaus Vienna), каде што посетителите можеа да дознаат повеќе за животот на Моцарт во Виена, или Еврејскиот музеј во Виена, кој претстави изложби посветени на холокаустот и еврејското наследство. Во овој музеј беа организирани разгледувања со туристички водичи, а пред зградата на музејот имаше музички настапи и едукативни работилници, вклучувајќи и пишување на имињата на хебрејски и предавања за еврејските обичаи.
Исто така, Куќата на музиката (Haus der Musik) во Виена организираше интерактивни програми каде што посетителите можеа да создаваат свои музички композиции и да преземат улога на диригенти на прочуениот Виенски филхармониски оркестар. Повеќе музеи понудија специјални програми за деца и забава преку интерактивни работилници, квизови и други активности за посетителите.
Организаторите на оваа манифестација посветија посебно внимание и на децата, со програми прилагодени на помладите посетители во дури 297 музеи. Децата можеа да учествуваат во креативни работилници, а за три посети на музеите добиваа мали подароци.

Овој настан го истакна значењето на уметноста и културата во општеството, а ОРФ (државната телевизија на Австрија) како организатор го нагласи значењето на зајакнувањето на пристапот до образованието и културното наследство преку оваа манифестација.
Долгата ноќ на музеите уште еднаш го покажа значењето на културата како мост меѓу различните генерации и како извор на инспирација и едукација.