Дојденци ја тужат Јапонија поради расизам

Луѓе во Јапонија / Фото EPA-EFE/KIMIMASA MAYAMA

Тројца јапонски жители родени во странство ги тужат властите во земјата поради наводно расно профилирање. Тие велат дека се соочиле со повеќекратни полициски сослушувања поради нивниот изглед. „Постои многу силна слика дека „странец“ е еднаков на „криминалец““, изјави за новинарите Сајед Заин, роден во Пакистан.

Тужбата поднесена вчера има за цел да потврди дека расното профилирање е нелегално. Секој тужител бара отштета од 3 милиони јени (18.800 евра). Ова е прва ваква тужба во Јапонија, според адвокатот Мотоки Танигучи, пренесува Би-Би-Си.

Заин, кој е јапонски државјанин, роден во Пакистан, живее во Јапонија две децении, таму одел на училиште и течно зборува јапонски. 26-годишниот маж на прес-конференцијата рече дека полицијата често го запирала, испрашувала и претресувала. „Дојде време да се разгледа начинот на кој се спроведува полициското испрашување“, рече тој.

ОН го дефинира расното профилирање како „процес во кој органите за спроведување на законот се потпираат на генерализации засновани на расата, бојата на кожата, националното или етничкото потекло на една личност, наместо на објективни докази за однесувањето на поединецот“.

Еден од тужителите, Метју, кој е со индиско потекло и постојан жител на Јапонија, тврди дека бил испрашуван од полицијата најмалку 70 пати откако пристигнал во Јапонија во 2002 година. Тој нагласи дека затоа избегнува излегување.

„До неодамна не знаев што е тоа социјално повлекување. Се чувствувам како секогаш кога ќе завршам со работа да се кријам во мојата куќа“, изјави тој.

Тој одбил да го каже своето презиме поради страв од малтретирање. Морис, афроамериканец, постојан жител на Јапонија, изјави дека бил испрашуван и од „обични Јапонци“, вклучително и некои кои проверувале дали има виза.

„Дури и да изгубиме на суд, сакам луѓето да разберат како ова е секојдневие и дека треба да направиме нешто за да го спречиме тоа за идните генерации“, рече тој.

Тројцата мажи поднесоа тужба против Националната полициска агенција, митрополитската влада на Токио и префектурата Аичи пред Окружниот суд во Токио.

Во меѓувреме, земјата ја обнови дебатата за тоа што значи да се биде „Јапонец“ откако манекенка родена во Украина беше крунисана за Мис на Јапонија минатата недела. Додека некои ја гледаат нејзината победа како знак на различност, други велат дека таа не изгледа како што треба да изгледа Мис Јапонија.

Во декември 2021 година, американската амбасада во Токио ги предупреди граѓаните на „сомнително расно профилирање“ на странци од страна на јапонската полиција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот