Додека ние чекаме термин, други се протнаа преку ред на европскиот пат

Европски совет/ Фото: ЕУ

И додека балканските земји чекаат, слушајќи ги пораките од типот „иднината на Западен Балкан е во ЕУ“, „ЕУ не е целосна без Западен Балкан“, „ве сакаме во ЕУ“, „ве чекаме во ЕУ“, но и пораките за помош и поддршка во рамките на Планот за раст, главната „награда“ отиде кај Украина и Молдавија.

Десет години по приемот на Хрватска, Европската Унија не само што не примила ниту една членка, туку за шест години не затворила ниту едно пристапно поглавје со која било од земјите кандидати, а ново поглавје со која било од нив е отворено пред две години. Во истиот период Европската Унија најде серија причини, сигурно оправдани од нејзина гледна точка, да го забави проширувањето, вклучувајќи аргументи од типот замореност од проширување, нова методологија на проширување, внатрешни реформи, носење буџет…

Во меѓувреме, Македонија го тера кандидатскиот статус уште од 2005 година, а Албанија од 2014. Двете земји, пак, допрва треба да ги почнат реалните преговори за членство. Црна Гора има кандидатски статус од 2010 година, а веќе се поминати шест години од затворањето на едно поглавје. Србија, пак, е кандидат од 2012 година, но во нејзината евроинтеграција нема реален напредок.

И додека балканските земји чекаат, слушајќи ги пораките од типот „иднината на Западен Балкан е во ЕУ“, „ЕУ не е целосна без Западен Балкан“, „ве сакаме во ЕУ“, „ве чекаме во ЕУ“, но и пораките за помош и поддршка во рамките на Планот за раст, главната „награда“ отиде кај Украина и Молдавија. Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел објави дека, како што одлучиле лидерите на земјите на ЕУ, Украина и Молдавија ќе почнат пристапни преговори за членство во ЕУ. Унијата ѝ додели кандидатски статус на Грузија, а ќе ги отвори преговорите со БиХ кога ќе се постигне потребното ниво на усогласеност со критериумите за членство.

 „Историски“ ден и „стратегиска“ одлука за Украина

– Сакаме да ја поддржиме Украина, тоа е исклучително важно. Ова е многу моќен политички сигнал, многу моќна политика одлука – изјави Мишел додавајќи дека одлуката е исклучително важна за кредибилитетот на ЕУ.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денот кога Украина доби преговори го нарече „историски“, а одлуката „стратегиска“.

Сепак, и двајцата не споменаа како се стигнало до одлуката и дека унгарскиот премиер Виктор Орбан бил испратен „на кафе“ додека се гласа. Орбан потоа самиот кажа дека се обидувал осум часа да ги убеди колегите дека тоа е лоша одлука.

– На крајот тие конечно ме убедија, изјавувајќи дека тоа е долг процес и дека Унгарија може да го блокира во кое било време ако е против нејзините интереси – изјавил Орбан.

Значи, трговија во стилот „кафе за вето“.

Не дека тие две држави не треба да добијат преговори со Унијата, но начинот на кој е донесена одлуката предизвикува револт во македонската јавност и покрај изјавата на шефот на европската дипломатија Жозеп Борел, дека ЕУ повикува на забрзување на процесот за приклучување на земјите од Западен Балкан во европскиот блок.

„Ја потврдуваме нашата целосна и недвосмислена посветеност на перспективата за членство на Западен Балкан во Европската Унија и повикуваме на забрзување на пристапниот процес“, напиша Борел на платформата Х (Твитер).

Македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи се воздржа од коментар.

„Честитки до Украина и Молдавија за почетокот на преговорите со Европската Унија. Денес можеше да биде ден за славење и кај нас за отворање на поглавјата, но антиевропските темни сили држат во заложништво 2 милиони граѓани. Уште малку!“, напиша Османи на Фејсбук.

Но, поранешни амбасадори не ги штедеа критиките за ваквиот потег на Унијата.

Спасов: Срамна и понижувачка одлука за нас

„Оваа одлука на ЕУ колку и да изгледа принципиелна заради неисполнување на ‘условот на условите‘ е срамна и понижувачка за нас. И никој од нашите политичари барем јавно не спомена дека тоа е неправда. Наведнаа глава и рекоа така треба, самите сме си виновни и крај. Како да имаат страв дека оние во ЕУ ќе се навредат или дека ќе ни најдат уште некоја грешка“, напиша на Фејсбук поранешниот амбасадор и член на СДСМ Ѓорѓи Спасов, прашувајќи каква порака се праќа до Република Северна Македонија.

Според него, „Македонија која како слеп за стап се придржува до надворешната политика на ЕУ и од 2005 година кога доби кандидатски статус е оценувана и преоценувана, која го смени името за таа цел, која е членка на НАТО кое се сметаше како предворје за членство во ЕУ, нема да ги почне преговорите затоа што во зададениот рок не го променила Уставот“.

За пратеникот и поранешен министер за надворешни работи Антонио Милошоски последните одлуки во Брисел покажаа дека проширувањето на ЕУ од политика на заслуги, стана буџетско-политичка трговија.

– Со цела почит кон Украина и Молдавија, но оваа одлука за почеток на преговорите за членство повеќе личи на геополитички подарок, отколку на заслужен чекор врз основа на постигнати реформски стандарди или унапредени добрососедски односи. Со ваквата одлука се потценуваат децениските напори на сите земји од Западниот Балкан, на кои ветувањата за европска перспектива дадени уште на Солунскиот самит 2003 година денес со право им изгледаат како излитени фрази. Дополнително, со ваквите одлуки се потврди дека доколку повлијателните членки на ЕУ сакаат да донесат одлука за почеток на преговорите со земји како Македонија или Албанија, тоа можат да го решат во рок од 8 часа, без разлика дали внатрешниот формален кочничар се вика Бугарија или Грција. Но, таква политичка волја очигледно нема – вели Милошоски во изјава за „Слободен печат“.

Тој додава дека примерот на 12-годишните преговори што ги водат Црна Гора и Србија, а не се стигнати до никаде, најдобро покажува дека со нашиот регион дел од членките на ЕУ сакаат поцврсти врски, заеднички проекти, интеграција до одреден степен, но не и полноправно членство.

Сепак, факт е дека можело и од политички причини да се случи одобрување на почеток на преговори без разлика на подготвеноста на земјата, бидејќи Украина тешко дека може да спроведува реформи кога е во војна и кога не контролира дел од својата територија.

Поранешниот амбасадор и претседател на Советот на амбасадори Ѓорѓи Филипов оценува дека одлуката на ЕУ експресно поради политичкиот контекст да одобри почнување на пристапни преговори со Украина треба да биде отрезнување за земјава дека ако можеби светот е подготвен да ни става сопки, ние не треба самите да си поставуваме сопки.

– Но, нема смисла за ново разочарување и жалење за можноста, треба да бараме нови можности во новонастанатите услови. Да ѝ честитаме на Украина затоа што ќе ги почне преговорите иако не можеме да ѝ завидуваме на состојбата во која се наоѓа, а и на причините поради кои доби почеток на преговори – вели Филипов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот