Фото: EPA-EFE/LEX VAN LIESHOUT

Додека европските држави тестираат, Македонија ќе мери температура и ќе точи сапун 

Еден од предлозите на родителите е задолжително тестирање со брзи тестови на децата во училиштата по примерот на некои европски земји, како што е Германија, каде што децата се тестираат еднаш неделно, и Велика Британија, каде што ги тестираат двапати неделно.

Епидемиолозите во моментов предупредуваат дека тинејџерите најмногу го шират коронавирусот.

Родителите и понатаму прашуваат дали е безбедно да ги пратат децата на училиште откако Владата донесе одлука од 1 септември да се отворат училишните врати за сите деца и ги изготви протоколите за заштита на здравјето при настава со физичко присуство. Се дебатира дали може да профункционира ваквата настава доколку учениците редовно се тестираат со брзи ковид-тестови, наместо како што е предвидено засега, само да се мери температура на влез и да се мијат рацете редовно.

Министерката за образование и наука Мила Царовска повика да се почитуваат протоколите, бидејќи според неа, најдобар начин да се заштити менталното здравје на учениците е тие да се во училница. Одлуката на Владата наиде на незадоволство кај дел од родителите, кои од различни причини се плашат да ги пуштат своите деца на училиште. Најчесто причината е што дома имаат лица што спаѓаат во ризичните групи. Многумина стравуваат дека не е можно да се натера толкав број деца да ги почитуваат правилата за дистанца. Еден од предлозите на родителите е задолжително тестирање со брзи тестови на децата во училиштата по примерот на некои европски земји, како што е Германија, каде што децата се тестираат еднаш неделно, или Велика Британија каде што ги тестираат двапати неделно.

Чешкото министерство за здравство и министерството за образование неделава соопштија дека планираат да ги тестираат сите ученици на почетокот на училишната година. Оние што ќе одбијат да се тестираат, нема да смеат да пеат на училиште или да посетуваат физичко образование, а ќе мора да носат и маска на часовите.

– Според мене, за Македонија треба да е приоритет да обезбеди вакцини, а не брзи тестови. Треба да се најде стратегија, бидејќи децата не се вакцинирани. Делта мутацијата на коронавирусот е 1.000 пати позаразна. Нашата желба секако е дека сакаме децата да ги држиме во школо, но се плашам дека ако почнеме со регуларна настава, брзо ќе треба да се затвораат школите. Еве, на пример, деновиве имаме илјадници нови ковид-случаи дневно. Од тие активни случаи, прашање е колку деца се евидентирани – смета наставникот по математика Витомир Лазороски, кој е и претседател на училишната организација на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК), како и претседател на синдикалниот регион за Карпош.

Здравствените власти постојано потсетуваат дека делта сојот на коронавирусот најмногу се шири меѓу невакцинираното население. Кај нас сè уште нема задолжително вакцинирање на децата, и освен тоа, вакцинацијата на малолетниците наиде на жестока дебата.

– Според мене, подобро е државата да изведе вакцинација на младите отколку цело време да ги тестира со тестови. Јас имам примено две дози вакцина, но сепак се плашам и јас за моето здравје, бидејќи имам хронични состојби, а како што можеме да видиме, вакцините се помалку ефикасни кога станува збор за делта мутацијата на вирусот. И не само тоа, туку лекарите предупредуваат дека овој сој сè повеќе ги напаѓа младите – додава Лазороски.

Дел од родителите се децидни дека нивните деца ќе ја следат наставата онлајн.

– Според мислењето на Главниот координативен кризен штаб и Владата, подготвени сме наставата да ја започнеме со физичко присуство за сите ученици. Исклучоци се учениците со хронични болести, учениците што имаат хронични болни во семејството, како и од немедицински причини за кои ќе одлучуваат училиштата. За овие ученици ќе има можност наставата да се следи онлајн во текот на целата учебна година – изјави Душан Томшиќ, советник во Министерството за образование и наука.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот