ДКСК се сомнева во уставноста на одлуката за додатоци на плата на уставните судии

Уставен суд/ Фото: МИА

Додатоци за доверливост и за ризик при работа отсега ќе бидат дополнителен финансиски стимул за уставните судии. Тие самите одлучија да го изменат Деловникот по кој работат и си овозможија, преку новиот член 10-а, покрај правото на плата и други надоместоци да имаат и додатоци за посебни услови за работа, за постоење на висок ризик и доверливост, што нема да може да бидат повисоки од 35% од основата на платата на судијата.

Досега вакви додатоци користеа нивните колеги од останатите судови и обвинители, но познавачите се сомневаат во исправноста на најновата одлука, бидејќи, според нив, уставните судии не се изложуваат на голем ризик и напротив скоро и да немаат контакт ниту лице в лице со подносителите на иницијативи, а самата материја на иницијативите е далеку поразлична од онаа со која се соочуваат нивните колеги од кривичните оддели.

Уставните судии, согласно Уставот, одговараат единствено пред највисокиот правен акт во државата и нивното дејствување е содржано во Деловникот за работа, без воопшто да има опасност нивната работа да им ја попречи друга институција, макар и Собранието.

Првиот човек на Антикорупциската комисија, Билјана Ивановска, коментирајќи ја можноста уставните судии сами да си определуваат вид на додатоци, препорача оваа проблематика да се регулира токму со законско решение.

  • Факт е дека тие работат по Деловник од 91 година, кој е застарен. Уставниот суд неодамна го променил Деловникот, земал одредба од законите кои ги третираат тие права, но факт е и дека во Уставот стои дека со Деловникот се уредува начинот на постапување со нивните предмети, а не правата за нивен посебен додаток. Не може нешто да се уредува со Деловник ако тоа што треба да се уреди треба да биде со закон, вели Ивановска.

Уставниот суд, како самостоен орган, за да може да ја извршува својата работа користи средства од државниот буџет, но парите кои ги добива, како што тврдат од судот, не им се доволни за непречено функционирање и бараат зголемување. Според податоците од Годишниот извештај во 2019 година на располагање имале околу 645 илјади евра и во рамки на финансиските средства набавиле нова стручна литература за библиотеката, го подновиле со мебел Архивот на судот, а успеале да купат и нови кафе-машини за бифето.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот