Бобан Николовски директор на царинска управа / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Директорот на Царината: Буџетот оштетен за 270.000 евра поради криминал, отпуштени 11 цариници за корупција

Директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, информира дека освен 11 откази на цариници, од кои два се со судска одлука, од лани досега се воделе 76 дисциплински постапки за успешно справување со корупцијата. Тој посочи дека се потребни силна волја и нови кадри што ќе се обучуваат од најдобрите во Царинската управа.

Директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, во емисијата „Ставот на регионот“ на „Њузмакс Балканс“ изјави дека институцијата системски делува преку засилена соработка со другите органи за спречување на организиран криминал и корупција во царинските постапки, при што годинава се поднесени 67 кривични пријави против 38 правни и 148 физички лица за сторени кривични дела со 181 возила, со што е нанесена штета од 16,5 милиони денари (268.300 евра) врз Буџетот.

– Донесени се 11 решенија за отказ на царински службеници, а зголемените контроли се еден од клучните фактори за растот на наплатата на приходите кои до август годинава достигнаа 65,5 милиони евра – истакна Николовски.

Тој се осврна на постигнатите резултати во изминатите месеци, со фокус на системските мерки за борба против корупцијата, која ја оцени како една од најголемите закани за безбедноста.

Николовски нагласи дека, покрај засилените контроли, се работи и на промена на свеста кај царинските службеници за поголема ефикасност во спречувањето на криминалот и корупцијата. Доказ за преземените мерки, рече тој, е и последниот извештај на Државната комисија за спречување на корупцијата, според кој Царинската управа е на високото петто место од 72 институции во спроведување политики за интегритет.

Покрај 11 донесени отказни решенија, од кои две по судска одлука, од минатата година досега се спроведени 76 дисциплински постапки. Николовски додаде дека за ефикасна борба со корупцијата се потребни силна волја и нови кадри кои ќе учат од најдобрите во Управата.

Тој истакна дека контролите на граничните премини се зајакнати, а преку подобрена анализа на ризик целта е да има што помалку контроли за непречен проток на патници и стока, при што истовремено се зголемува успешноста во откривање и спречување на обиди за криминал.

Во првата половина од годинава, како резултат на селективните контроли врз основа на анализа и проценка на ризик, бројот на откриени неправилности е зголемен за 194 отсто во споредба со истиот период во 2024 година.

Во однос на ефектите од концептот на „едно застанување“ на граничните премини со Србија и Косово, Николовски објасни дека за разлика од порано, кога граѓаните мораа да застануваат двапати, сега застануваат еднаш и се врши една заедничка проверка. Овој систем, рече тој, веќе носи резултати преку забрзан проток на патници и ефикасна контрола со заедничко делување во спречувањето на шверц.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот