Дигиталните учебници одат на „поправен“

онлајн настава
Онлајн настава / Фото: МИА

Министерството за образование и наука вчера го повлече предлог-законот за дигитализација на учебниците од собраниска процедура, но само за да се дополни со нови елементи, по што повторно ќе биде доставен во Собранието.

Вчера прв оваа вест ја објави пратеникот Антонијо Милошоски, по што многумина добија впечаток дека МОН се откажува од дигитализацијата по големиот притисок во јавноста.

Милошоски објасни дека предлогот е повлечен и засега не може да се почне расправа за него во Комисијата за образование. Според него, Владата има право одново да го испрати овој закон во собраниска процедура, но веројатно во поинаква форма или, пак, подоцна.

МОН ја демантираше информацијата на Милошоски, повикувајќи ги граѓаните да не „подлегнуваат на политички манипулации“ и нагласувајќи дека откако ќе биде дополнет, Законот веднаш ќе влезе во собраниска процедура.

„МОН не се откажува од носењето целосно нов закон за учебници, со кој се воведуваат современи материјали за учење и се нуди можност за дигитализација“, се вели во реакцијата на МОН.

Оттаму додаваат дека ќе се дополни во делот на усогласување на националното со европското законодавство, по што законот ќе биде пуштен.

Ставот на МОН го дополни и премиерот Зоран Заев, кој објасни дека не станува збор за откажување туку воведување дополнителни елементи.

– Да објаснам што значи дигитализација. Од прво до трето одделение учениците продолжуваат со печатените учебници, а покрај печатените ќе пуштиме и електронски учебници за четврто одделение. Следната година ќе бидат четврто и петто одделение, потоа четврто, петто и шесто одделение. Но, учениците секогаш ќе ги имаат и пишани учебници – изјави Заев.

Тој истакна дека сите ученици ќе бидат вклучени во процесот на дигитализација.

– Државата сака еднаков третман на сите граѓани, особено на децата. Нема да дозволиме детенце да биде заборавено, затоа што е родено во сиромашно семејство. Комплетно ќе алоцираме пари, за сите децата да имаат приближно еднакви можности да управуваат со информативни технолошките средства – заклучи Заев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот