
Детето што се затру со таблети денеска ќе биде пуштено од Детската клиника, докторите апелираат лековите да се чуваат на сигурно
Петгодишното дете од Делчевско коешто проголта неколку таблети „санвал“ и заврши на Детската клиника, е во добра здравствена состојба и наскоро ќе биде отпишано на домашно лекување, тврди за „Слободен печат“ директорот на Клиниката доктор Реџеп Мемеди. „Санвал“ е седатив што се користи за краткорочен третман на несоница кај возрасни. Родителите тврделе дека дома немаат такви таблети, туку дека детето ги испило надвор од домот, а тие дознале за тоа, затоа што го нашле пакувањето во неговиот џеб и неколку таблети недостасувале.
Препорачано
-Добро е детето, ќе го пуштиме дома денеска. Интоксикацијата се случила со таблети и кога го примивме направивме иследувања. Немаше отстапување на виталните параметри, стабилно беше. Апчињата се седатив, родителите велат дека ги немале дома, туку дека ги испило надвор. Велат дека се две таблети. Виделе дека детето го има пакувањето во џеб – ни изјави доктор Мемеди.
Ваквата ситуација со среќен крај сепак ја истакнува потребата за едукација и кревање на свесноста за можните труења со лекови и хемикалии кај децата и кај возрасните. Барем двапати неделно на Детската клиника се случува да има полесно труење од овој вид. Викендов во Клиниката дошло и дете што се затруло со отров за глувци. И неговата ситуација е контролирана и е во добра здравствена состојба.
Директорот на Клиниката за токсикологија, доктор Андон Чибишев за „Слободен печат“ истакнува дека на оваа клиника се примаат возрасни пациенти, што ги опфаќа сите над 14 години, а останатите коишто имаат некој токсиколошки проблем се примаат на Клиниката за детски болести каде што има оддел што ги згрижува децата со труења и ги третира. Но, Клиниката за токсикологија работи и соработува со Детската клиника околу терапискиот менаџмент.
-Огромен дел од труењата кај децата се ненамерни. Тие се љубопитни, штом видат шишенце ги перцепираат таблетите како тркалезни зелени бонбончиња. Во такви случаи може да се случи и трагедија и затоа е важно да се види веднаш кои лекови детето ги испило. Ако се земат два дијазепама ништо нема да се случи бидејќи во болница детето ќе биде згрижено и ќе се интервенира. Но во семејства со повозрасни членови, кои имаат хронична кардиолошка терапија, којашто ако се даде во несоодветни дози и кај возрасен знае да направи сериозен проблем, треба да има голема претпазливост. Кај децата ваквите таблети може да доведат до прекин на работата на срцето – вели доктор Чибишев.
Неговата препорака е хроничната терапија на возрасните да се чува многу внимателно.
-Да не се остава на дофат на детето, да се повторува дека децата не смее да ги допираат овие шишенца. Добро е што добар дел од шишињата за апчиња имаат заштитен механизам направен баш поради оваа причина. Значи, препораката е возрасните да бидат крајно внимателни во начинот на кој ја чуваат терапијата, без разлика на тоа кој ја зема. Дури и ако во домот има терапија наменета за деца, децата не треба да имаат досег до неа. Голем дел таблети, за да бидат полесни за пиење, имаат мала доза шеќер во нив и се благи, што води до трагедии ако детето ги најде – додава директорот на Клиниката за токсикологија.
Истото се однесува и на останатите хемикалии.
-Нашиот народ отровот го чува во шише од „кока-кола“. Тоа е балкански пропуст, да се чува пестицид во шише за минерална вода. Има луѓе, ќе се симнат во подрум и бараат низ шишињата, ќе видат шише за кое мислат дека е ракија, почнуваат да пијат и сфаќаат дека е отров. Ама додека дојдат во болница, настапува труењето, што може да е тешка состојба бидејќи пестицидите и корозивните хемикалии деструктивно делуваат на ткивата. ЕУ-пракса е на секое пакување на лековите да има предупредување дека шишенцето треба да е подалеку од децата. Од она што го следам во литературата и научните студии, акцидентните труења кај децата настануваат од невнимание. На пример родителот ќе замине во соседната соба, а терапијата ќе ја остави на масата и тој мал временски период е доволен да се случи тоа – додава доктор Чибишев.