Десничарски пиромани во задушливиот јавен новоговор

Ненад Јовановиќ. / Фото: Архива

Овие денови присуствуваме на реторики во јавниот говор кои во себе имаат десничарски елементи. Тие елементи може да се најдат и во четириесеттите и во деведесеттите години на 20 век. Сега ќе гракнат дежурните мислители (апстрахирани од мислење), „аман, море, Јовановиќ, ти навистина го претера“? Што имаме прво на политичката сцена пред да се вратиме на јавниот интернетско-инаетчиски (ново)говор? Имаме опозиција која се обидува да се испере од груевистичкото радикално минато, а само декларативно и по малку срамно се колне во Европа, додека владата на Заев се обидува да воспостави она што мора да се воспостави: јаки институции, владеење на право, правна држава и гарантирани права и слободи на сите граѓани… Опасни разлики, ќе мора да се согласите?!

Од друга страна, денес во Европа десницата доживува ренесанса (без хуманизам!), што ни докажува дека во оваа земја таа (читај, десница) после сѐ е неизбежна, врескајќи на сите страни од политичкиот спектар. Единствена добра работа е што десницата во оваа земја е тешка маргина, не бројчено, ами идејно!

Поради тоа, се плашам дека нема консензус ниту за среднорочни цели што се важни за ова општество. Што значи дека немаме ниту елементарен консензус како да се води ова општество, како да ја регулираме економијата, што да направиме со оваа земја што мора да се подигне од пепелта во која е оставена. За ова, жалам што го констатирам, и за многу други прашања, десницата не нуди никаква алтернатива, предлози и сугестии, она што е суштинска работа во едно демократско општество.

„Лимбо“ со лош „презент“

ВМРО-ДПМНЕ нема ниту идеја за она што е минимален напредок, да речеме решавањето на билатералниот спор со Грција, потпишувањето на добрососедскиот договор со Бугарија, и така натаму, и на тоа слично. Е, во недостиг на овие идеи, а потоа и недостиг на артикулација за политичка операционализација, ни останува ова „лимбо“ со лошиот „презент“, за кој мислам – а гледајќи ги манифестациите на луѓето – дека е типично наследство од груевизмот и неговите епигони, со тенденција за натамошна деградација. Еве пример: Мицкоски мисли дека ако не се изгласа законот за ЈО, и ако се укинат предметите на СЈО, дека тоа ќе предизвика позитивни промени кај граѓаните, а Западот тоа ќе го прифати со отворени раце? Тоа ни кажува дека опозиција на чело со Мицкоски (не не оваа власт!), и прави огромна штета на државата и граѓаните, бидејќи не може да разгранични во себе што е добро, а што е лошо.

Патологиите и дивергенциите во „јавниот говор“

Но, да се вратиме на она што беше примарниот порив за овој текст. Да ги видиме патологиите и дивергенциите во „јавниот говор“. Да речеме, ако вие некому му речете дека е фашист, тоа значи дека вие некого пцуете. Сакам да кажам дека фашизмот во оваа земја е испразнет од своето значење, што значи дека тој постои, ама во перцепцијата на луѓето тој е испразнет од своето значење. Може ли појасно, море, Јовановиќ? Ајде да ви ги кажам основните елементи на фашизмот кои излегуваат од „интернетските подземја“ (моја кованица што произлезе поради тешката економска состојба која ја живееме со децении): популизам, национализам, култ на личноста, демагогија, а Умберто Еко ни вели дека фашизам е „кога со оној што не се согласувате го нарекувате предавник“, па продолжува Еко, „и ги презирате оние кои се слаби“, а во целиот тој комплот од зборови и дискурси е и „новоговорот“. А „новоговор“ е говор што е испразнет од секое значење, тоа е говор испразнет од секаква смисла. Затоа и денешните наслови на порталите звучат како пцости, звучат како навреди. Тој новоговор е токму тоа: пцост и навреда. Со таков наслов, со такви глупави реторики вие имате еден јазик кој е апстрахиран од суштина, а од друга страна вие на заедницата не може да ѝ соопштите никакви важни работи.

Во оваа земја не постои – а тоа е доминантниот десничарски наратив – официјална политика. Постојат „теории за заговори“. Сѐ што владата на Заев досега направи, сѐ тоа во умот на десничарот е (барем ваков како што го знаеме) теорија за заговор: еден ден се Американците, друг ден е „курвата Јевропа“, третиот ден се масони, четвртиот ден е некој „мастерплан“ кој само што не се остварил, или тоа се муслиманите, или евреите, или католиците итн. Демек, ние не сме виновни сами за ова што ни се случува, демек ние не сме учествувале во домашните прилики и политики, туку секогаш некој друг е виновен за она што нам ни се случува. Е, тоа е еден вид теорија на заговор.

Сега дозволете да бидеме објективни и фер. Сите овие луѓе што ги употребуваат овие радикални зборови, напаѓања и хистеризирања кон конкретни луѓе во медиумите и на социјалните мрежи, не се повеќе власт во оваа земја. Овие луѓе јас ги нарекувам „запаливи пиромани“, кои не се повеќе власт во Македонија. Тоа мора да се потенцира. Било дали го водеа главниот збор во медиумите, било дали го водеа главниот збор во државата. И сега, што му преостанува на Заев и владата освен да го гаснат тој пожар?! Ама исто така треба да бидеме фер и да кажеме: дали Зоран Заев некогаш затворил некој весник, дали затворил некој медиум? Не. Дали Зоран Заев беше виновен за протерување и гонење на конкретни луѓе во оваа земја? Не. Дали Зоран Заев и денешната владата се дел од приватизацијата на оваа земја? Не. Тоа се факти, со тоа не може да се зафркавате. Зад оваа влада не стои никакво срамно и минато на штетник. Дали зад опозицијата стои срамно и минато на штетник? Уште како да! А да се тврди спротивно, ќе ве молам, тоа е длабоко нефер.

Меѓутоа, во реториката на Заев и во реториката на Мицкоски, вие забележувате две парадигми. Зоран Заев е апсолутен Европеец, а со тоа докажа дека „проблемот на името“ не може да биде замрзнат конфликт, па тоа прашање го реши. Без разлика на политичката цена. А што е другата парадигма на Мицкоски? Национализам, замрзнување на случаите од СЈО кои тој ги бара да бидат замрзнати, лажно се претставува дека е за Европа, а срцето му чука за некоја Русија која можеби и не постои. Како да имате една поделена личност: наутро е за Европа, а навечер за нешто кое предизвикува раскол и омраза во јавните гласила и социјалните мрежи. Или кога вели, „кој сум јас да кажувам за името“? Па, како тогаш со таква политика ти сакаш да добиеш избори? Вие немате поим дали е тоа политика, каде таа нѐ води, кои се нејзините цели? А, ако мене ме прашате, политиката на Мицкоски не води никаде.

И на самиот крај, сакам да кажам една моја лична, приватна констатација која ме повреди овие денови во хајката што се водеше на интернет, ама сепак, ќе се обидам вака да ја објаснам: мене може да ми кажете збогум, дури и да ме поплукате, ама една работа треба да знаете: јас од авторитети, учители и даскали се ослободив уште во мојата адолесценција. А знаете ли зошто? Затоа што никој не ме научи да ловам риба. Сите тие „просветители“ ми велеа исто: „Ела, Ненаде, јас ќе ти дадам рибата“. Чесен човек ќе те научи сам да ловиш риба, ако ме разбирате што сакам да кажам.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот