
Денеска се навршуваат 105 години од раѓањето на Славко Јаневски, автор на првиот роман објавен на стандарден македонски јазик
На денешен ден во 1920 година, во Скопје, е роден Славко Јаневски. Тој бил поет, романсиер, писател за деца, сценарист, сликар и академик.
Препорачано
Долги години бил член на МАНУ и Друштвото на писатели на Македонија. Тој припаѓа на првата генерација македонски писатели по Втората светска војна, која ги поставила темелите на современата македонска книжевност. Неговиот роман „Село зад седумте јасени“ (1952) е првиот роман објавен на стандарден македонски јазик.
Поради својата плодна творечка кариера, Јаневски бил одликуван со поголем број награди и признанија, меѓу кои наградите „АВНОЈ“, „11 октомври“ и „Браќа Миладиновци“. Во негова чест во паркот „Жена-борец“ во Скопје е поставен споменик изработен од академик Томе Серафимовски. Покрај тоа, во негова чест е именувана и читална во Скопје, која беше пуштена со работа во 2013 година.

Советот на Град Скопје, 2020 година ја прогласи за година на Славко Јаневски, во чест на стогодишнината од неговото раѓање.
Јаневски е автор на многуброjни книги за деца, патописна проза, збирки раскази, романи и поезија, коишто се преведени на повеќе светски јазици, а меѓу најпознатите дела се: „Село зад седумте јасени“, „Тврдоглави“, „Зад тајната врата“, „Улица“, „Шеќерна приказна“, „Девет Керубинови векови“, „Месечар“, „Две Марии“ и многу други.