
Денеска е 1 Мај: Не може да се замисли без скара, еве неколку совети како совршено да ја подготвите
Први мај кај нас се прославува со традиционално подготвување скара. И оваа година многумина првомајската скара ќе подготвуваат во дворовите, а некои и на терасите. Како и да е, традиционалната подготовка на печено месо, консумирано заедно со ладни пијалаци и свежа сезонска салата, нема да изостане. Доколку немате можност да подготвите скара на жар, можете месото да го испечете на електрична скара во вашата кујна. Како и да е, сите на овој ден ќе уживаат во традиционалното подготвување на скарата.
Препорачано
Внимавајте на жарот на скарата
Иако секоја година се подготвува скара, вистинските мајстори секогаш имаат свои тајни кон кои се придржуваат. Тајната на големите скараџии лежи во маринадите што ги подготвуваат и во кои неколку часови го чуваат месото пред да го испечат, но и во редењето на дрвата. За да има скарата жар подолго време, препорачливо е да се користат дабови дрва. Дабот, споредбено со буката, многу подолго го зачувува жарот, што ќе помогне со исто количество дрва да испечете повеќе месо.
Исто така, важно е на кој начин ќе го распоредите жарот. Обрнете внимание жарот од изгорените дрва да биде распореден насекаде, а не само во централниот дел на скарата.
Сепак, доколку не сте сигурни околу изборот на дрва, во тој случај најсигурна варијанта за да имате успешна првомајска скара е да користите ќумур.
Гответе на чад, не на оган
За да добиете вкусно испечено месо, кое нема да биде недопечено во средниот дел, а изгорено на површината, треба да внимавате да го наредите на решетката во моментот кога дрвата комплетно ќе изгорат. За да добиете вкусна скара, важно е да го печете месото, но и зеленчукот, на чад, а не на оган.
Доколку печете помрсно месо, како што се, на пример, ребрата или колбасите, секогаш при рака имајте вода со која би го гаснеле огнот што се пали од жарчињата поради капењето на маснотијата.
Месото мора да биде целосно одмрзнато
Традиционално, на првомајската скара се печат повеќе видови месо какви што се, на пример, колбаси, ребра, плескавици, ќебапчиња, раженчиња…
Се пече и крцкав леб, но и зеленчук, пиперка, домати, печурки и компири.
За да подготвите сочно месо, кое нема комплетно да се исуши на скарата, внимавајте никогаш да не го ставате на оган доколку комплетно не е одмрзнато. За да добиете вкусен оброк, најдобро е месото најмалку два часа претходно да отстои на собна температура. Сепак, за да добиете извонреден вкус, најдобро е месото, независно од тоа дали станува збор за телешко, јунешко, свинско или пилешко, претходно околу 24 часа да го оставите да отстои во маринада.
Маринада за месо на скара
Доколку сакате да го зачините месото, пред да го испечете, подгответе ја оваа маринада што може да се користи за сите видови месо, па дури и за пилешкото кое е значително „посуво“ споредено со свинското месо.
За да ја подготвите маринадата, ви требаат следните состојки:
– 200 милилитри масло за јадење / маслиново
– 100 милилитри јаболков оцет
– 2 лажици лук во прав
– 2 ситно сечкани чешниња свеж лук
– 2 лажици сол
-1 мала лажичка шеќер
– 1 лажичка црн бибер
– 1 мала лажичка црвен пипер
– 2 лажици соја сос
– 50 грама мед
– 1 китка свеж магдонос
За оваа маринада, потребно е да имате околу еден килограм месо, на пример, ребра, кременадли, бело пилешко месо, па дури и свински џигер.
Месото ставете го во подлабок сад, а потоа во ставете ситно исечкан магдонос, како и сите други состојки потребни за подготовка на маринадата. Со раце, убаво „втријте“ ги состојките во месото, а потоа оставете го да отстои во фрижидер, барем неколку часа. По истекот на потребното време, можете вака подготвеното месо да го испечете на скара и да уживате во неговиот уникатен вкус.