Кардиохирургија / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Демири: Јавноста да знае дека на Државна Кардиохирургија е направен криминал

Министерот за здравство Илир Демири изнесе сериозни податоци за ЈЗУ Клиника за кардиохирургија во вечерашното гостување на телевизија Телма. Тој е дециден дека на оваа клиника од витално значење за Македонија е зголемена смртноста и тоа на кардиохируршките интервенции кои се многу посложени и покомплексни од васкуларните интервенции каде вообичаено е да нема висока смртност.

Демири вели дека кога во статистиката на болницата би се видело тоа колкава е смртноста кај кардиохируршките интервенции, тогаш она кое би излегло во јавноста би било страшно. Демири изнесе податок дека имало тројца кардиохирурзи од Србија, кои наводно оперирале на ЈЗУ Клиника за кардиохирургија без лиценца од македонската Лекарска Комора и дека тоа се случувало во склоп на програмата за превенција на кардиоваскуларни заболувања која ја води Ангела Ефтимовска .

Проблемот е следниот: Ние плаќаме дневница од 700 евра на еден светски познат кардиохирург а доаѓаат по тројца четворица во екипа. Тие се анонимуси, не се познати, немаат никаква биографија. Македонската јавност треба да ја знае вистината и да не ме обвинуваат дека сум против Кардиохирургија.

Не сум против Кардиохирургија, туку сум против криминалот што е направен во Кардиохирургија. Тројца од лекарите што се вклучени во операциите а тоа се Алексиќ, Чубрило, Лазовиќ, немаат лиценци.

Знаете ли што значи тоа? Moj, твој, донеси некој познат од Дедиње, а програмата е наменета за Швајцарци, Германци, за Италијанци. А овие ја пренасочиле програмата кон Дедиње. Како би постапиле вие? Што треба да и кажам јас на македонската јавност? Да го премолчам ова и да бидам сакан од одредени? Не, јас не сакам да сум сакан, јас сакам да сум праведен. Овде има пријава до Обвинителството и ќе инсистирам до крај да се оди со сите тие што се одговорни за ова злодело, рече Демири.

Во врска со смртноста, Демири рече дека таа многу лесно се гледа во ,,Мој Термин”.

Влегувате и гледате колку била смртноста тогаш, а колку е сега. Многу е едноставно. Професор Сашко Јовев е еден од основачите на кардиохирургија. Ај што беше тргнат од позицијата директор, туку и бесправно беше избркан и од работа, па второстепена комисија имаше одлука да го врати професор Јовев а директорот Марјан Шокаровски одбиваше да го врати Јовев да ја извршува својата лекарска професија во која е најдобар од сите нив и сите тие учеле од него.

За ЈЗУ Клиника за кардиохирургија јас не кажувам нешто што е невистинито или нешто што е непотврдено. Во таа институција е обесправен човек, на бесправен начин е избркан. Ова не е војна за Јовев, туку ова е војна за квалитетот. Јас не сакав сите овие работи да бидат јавни, сакав да ги истерам сите работи преку Јавното Обвинителство, рече министерот Демири.

Тој повтори дека има 170 медицински истории кои не се внесени во Мој Термин и не се дел од статистичката анализа за смртноста и тие кога би биле внесени, би пробиле во статистиката. Клиниката според тоа што го изнесе министерот, една година не испратила податоци за починатите до Министерството за здравство, имала 170 медицински истории за кои не им работел системот и немала задолжителна комисија за квалитет, која што треба да ги елаборира поединечно сите смртни случаи.

Направени се неколку семафорчиња, за ние како здравствени работници да ги детектираме можните пропусти и брзо да реагираме. Ако немаш испратено 1 година извештај за смртните случаи до Министерството, ако имаш зголемена смртност која е евидентна и имаш 170 медицински истории за кои не ти работел системот… Не може само за одредени истории само да не ти работи системот.

Кажете ми тогаш што ќе направите вие како министер за здравство? Јас морам да гарантирам како министер за здравство сигурност на пациентите и во приватни и во јавни здравствени институции. А по пат се откриени и многу други пропусти за кои јавноста треба да знае, рече Демири.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот