ДАВА – стравот на Германија од „партијата на Ердоган“

Реџеп Таип Ердоган
Реџеп Таип Ердоган/ Фото: EPA-EFE/VYACHESLAV PROKOFYEV

Со денови Германија дебатира за основањето на нова партија. Се вика ДАВА. Критичарите забележуваат дека е продолжена рака на турскиот претседател Ердоган. Кој стои зад ДАВА и што има таа за цел?

Основањето на новата партија ДАВА, „Демократска алијанса за разноликост и развој“, со денови предизвикува жестоки дебати во Германија. Се вели дека е блиска до Анкара, некои дури ѝ префрлаат дека е продолжената рака на турскиот претседател Ердоган. За прв пат свои кандидати треба да има веќе на 9 јуни, на изборите за Европскиот парламент.

Четири имиња на кандидати веќе се познати. Сите во минатото се истакнувале преку нивните конекции со Анкара. Прв на чело е Фатих Зингал, адвокат кој долго време фигурираше како портпарол на Унијата на европски демократи, според германските власти лоби организација на турската владејачка партија АКП, основана во 2004 година во Келн. Организацијата меѓу другото организира предизборни настапи на Ердоган и други лица во Германија и низ Европа.

И Јонча Кајаоглу, поранешната претседателка на младината на УИД во покраината Баден-Виртемберг, ќе се кандидира за ДАВА со желба да ја претставува во Европскиот парламент. Таа се ангажира на социјалните медиуми и собира потписи, за да може да настапи на изборите. Да се обезбедат потребните 4 илјади потписи во нејзиниот случај се смета за чиста формалност.

Другите двајца кандидати, Мустафа Јолдас и Али Ихсан Инли, се познати функционери од турско-муслиманската заедница од Северна Германија. Јолдас со години се ангажира за Исламската заедница Мили Герис, Инли во Турско-исламската унија, скратено ДИТИБ. Двете организации негуваат релации со Анкара.

Продолжена рака на Ердоган?

Претседател на партијата е Тејфик Езкан. Тој подолго време работи за германскиот огранок на турската државна телевизија ТРТ, која АКП во изминатите 20 години ја претвори во машинерија за пропаганда. Критичарите му префрлаат дека известува еднострано и исклучиво за негативни појави во Германија, како расизам, исламофобија или превисоката инфлација. За проблемите во Турција, како рекордната инфлација на Босфорот, нема ни збор. Езкан некогаш на нишан ги има и германските политичари. Еднаш со деструктивна критика се осврна на министерот за земјоделие Чем Ездемир поради негова изјава за Ердоган, во друга прилика ја дискредитираше пратеничката на ЦДУ, Серап Гилер, поради тоа што носела наводно прекратко здолниште на Исламската конференција. И покрај тесните релации со Анкара, ДАВА официјално отфрла дека е партија на Ердоган. На прашање на ДВ, кандидатката Зингал вели дека деценискиот ангажман на Јолдас и Инли во Мили Герис и ДИТИБ не укажувал на такво нешто.

„Ниту фактот дека преку 65 проценти од Турците во Германија, меѓу кои претседателот Езкан и јас, го сметаме тој претседател и неговата политика за подобри од многу поранешни претседатели на државата или премиери. Сепак не сме продолжена рака на Ердоган“, повторува Зингал.

Нов обид за влијание во Германија

Професорот Кемал Бозај од Центарот за истражување на радикализација и превенција на Меѓународната висока школа во Келн, има различно мислење. „АКП и групи блиски до Ердоган веќе подолго време се обидуваат да етаблираат сопствени лоби структури во Германија, за да добијат влијание врз политичката сцена во земјата“, оценува професорот. Основањето на ДАВА е уште еден обид од низата.

Претходницата како партијата БИГ или АД-демократите не довеле до посакуваниот успех. На сојузните избори во 2017 година групи блиски до Анкара мобилизираа гласачи за поддршка на АД-демократите, кои и покрај тоа добија само 41.251 гласови. На европските избори во 2019 година си ја пробаа среќата со блиската до АКП „Сојуз за иновација и праведност“ БИГ. Но, и тие дојдоа само до 68.647 гласови.

Во 2021 на изборите излегоа со веќе постоечката партија „Тим Тоденхефер“. Со помош на рекламите од поранешниот германски репрезентативец Мезут Езил партијата доби 220.235 гласови.

Затоа ваквите групи, посочува Бозај за ДВ, бараат други алтернативни патишта за да фатат чекор во политиката. „Актуелните ликови на ДАВА се веќе познати, кои истовремено се активни и во мрежи блиски до АКП и лоби структурите. Затоа може да се претпостави дека ДАВА како продолжена рака на Ердоган сака да добие на влијание во Германија“, заклучува професорот.

ДАВА сака да допре и до луѓе надвор од турското милје

Според Џанер Авер, политиколог од Центарот за Турција и интеграциски студии, во Германија има околу 800 илјади гласачи со турско потекло, од кои околу 50 проценти гласале на последните избори и тоа во најголем дел за партиите од левиот центар. Авер смета дека ДАВА нема големи шанси за успех. Основачот на ДАВА, Зингал, пак вели дека „за првиот мандат во Европскиот парламент се потребни околу 250 илјади гласови и сите експертски прогнози велат дека може да ги добиеме“. Дали покрај тоа може да има и дополнителни мандати зависи од тоа дали ДАВА ќе допре и до други гласачи надвор од турското милје.

„Огромното медиумско ехо од изминатите денови ни оди во прилог, сега сме познати низ цела Германија. Тоа немаше да може да го постигнеме ниту со голем маркетиншки буџет“, додава таа.

Ако ДАВА и де факто успее да се пробие кај други групи на гласачи, како на пример муслимани со германски пасош, тие би имале потенцијал да освојат пратеничко место во Стразбур, проценува Авер, но се сомнева дека тоа ќе им успее.

„Многу политички заинтересирани Турци веќе пасивно или активно се ангажираат во етаблираните германски партии и нема да преминат во ДАВА“, смета тој.

Долгорочните цели на ДАВА

ДАВА во фокусот покрај европските избори има и долгорочни планови. Наскоро треба да бидат основани и локални и покраински ограноци за да може во иднина да настапат и на други избори. Истражувачот на екстремизам, Бозај, смета дека зајакнувањето на такви етнички-верско-националистички ориентирани партии како ДАВА е можно „и поради актуелната расистичка клима во Германија“. Освен тоа, Бозај посочува на опасноста дека ДАВА би можела да потенцира екстремистички тенденции или тензии меѓу различни групи и во рамки на заедницата со турско потекло. Особено на локално ниво ДАВА би можела да се обиде да влијае на локални политички одлуки и на тој начин да влијае на соживотот.

„Пред сè во градовите, каде што уделот на лица со турско потекло во населението е многу голем“, предупредува Бозај.

Извор: Дојче Веле/ Автор: Елмас Топчу

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот