Дали ВМРО-ДПМНЕ ќе се откаже од контрола на кредибилитетот на изборниот процес?

Христијан Мицкоски/ Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Учеството на опозицијата во техничката влада ќе ги зголеми нејзините можности да ги контролира ресорите кои можат да бидат злоупотребени, и со тоа да придонесе кон спречувањето на евентуалните изборни нерегуларности, вели за „Слободен печат“ универзитетскиот професор Васко Наумовски.

Откако Демократската унија за интеграција (ДУИ) го формализираше изборот на Талат Џафери за премиер на преодната влада која што се формира сто дена пред изборите и ја доби поддршката од коалицискиот партнер СДСМ, на потег е опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Првата реакција од опозициската партија беше дека „со назначувањето на Талат Џафери за технички премиер, на Македонија ѝ се случува целосна ДУИзација“. Сепак ВМРО-ДПМНЕ не се откажа целосно од учество во техничката влада, иако бараше нејзино укинување, а нејзиниот лидер Христијан Мицкоски отворено соопшти дека партијата сака да спречи да биде избран премиер Албанец. Најавите од партијата се дека во следниот период ќе донесат одлука дали ќе учествуваат во оваа 100-дневна влада што ќе функционира до изборите. Доколку донесат позитивна одлука, согласно Пржинскиот договор, ќе добијат две министерски места – за внатрешни работи и труд и социјала, како и тројца заменици министри – во министерствата за информатичко општество и администрација, за финансии и за земјоделие.

Прашањето е дали ВМРО-ДПМНЕ би се откажала од овие позиции и од спречувањето евентуална злоупотреба на институциите во изборни цели.

Според универзитетскиот професор Васко Наумовски, причината за воведување на концептот со таканаречената техничка влада беше недовербата на партиите во институциите на власта, како и потребата да се спречи злоупотреба на институциите во изборни цели, особено во ресорите кои можат да бидат искористени за тоа во предизборниот период.

– Учеството на опозицијата е метод на контрола врз овие процеси, со што се зголемува и кредибилитетот на изборниот процес. Доколку опозицијата не учествува во оваа влада, се зголемуваат шансите државниот апарат да биде злоупотребен од власта за предизборен поткуп и притисоци врз гласачите, како и во претходните изборни циклуси, вели за „Слободен печат“ професорот Наумовски.

Тој додава дека учеството на опозицијата во оваа влада ќе ги зголеми нејзините можности да ги контролира ресорите кои можат да бидат злоупотребени, и со тоа да придонесе кон спречувањето на евентуалните изборни нерегуларности.

– Причините за неучество се веројатно поврзани со ставот да не се дава кредибилитет на тој владин состав и предложениот премиер, и доколку сепак опозицијата не учествува, власта нема да се двоуми самата да продолжи да ги раководи тие ресори, каков што беше и случајот со еден ресор во претходната техничка влада во 2020 година, вели Наумовски.
Од СДСМ сметаат дека опозицијата треба да учествува во техничката влада, но ако сепак се реши да ја бојкотира, промени во ресорите нема да има.

И додека ВМРО-ДПМНЕ размислува за одлуката, СДСМ веќе го прифати изборот на актуелниот претседател на Собранието да биде технички премиер во 100-те дена пред изборите што треба да се одржат напролет.

– Сметаме дека Талат Џафери е соодветно и добро решение, изјави пратеничката од СДСМ, Даниела Маркоска.

На прашањето што доколку ВМРО-ДПМНЕ одбие да биде дел од техничката Влада предводена од Талат Џафери и не предложи министри и заменици-министри, Маркоска одговори дека „нема да им успее ако ДПМНЕ бара алиби за поразот што ги чека на изборите“.

ДУИ, пак, по предлогот Џафери да биде технички премиер веќе се подготвува за наредната мисија. Портпаролот на ДУИ и министер за надворешни работи Бујар Османи изјави дека следната мисија на партијата е претседател на државата.

– Талат Џафери ќе биде првиот премиер Албанец, вториот пат повеќе нема да биде тема кога ќе има втор премиер Албанец, бидејќи и „премиерството“ ќе биде дел од сузбивање на етничкиот монопол. И само уште една позиција каде што има етнички монопол е претседателот на државата, но тоа е следната мисија на ДУИ. Ова е визијата и мисијата на Али Ахмети, кој како што сум кажал, мандат по мандат, поглавје по поглавје, дел по дел, го создава мозаикот на неговата визија, изјави Османи.

Што се однесува до реакциите од другите партии, за Алијанса на Албанците, предлогот Џафери да биде премиер на техничката влада е договор меѓу ДУИ и СДСМ, но ќе го поддржат.

– Мислам дека секоја албанска партија, па и сите, треба да покажеме широкоградост во овие моменти и да продолжиме понатаму да имаме успешни избори, вели претседателот на Алијанса на Албанците, Арбен Таравари.

И од Европскиот сојуз за промени велат дека се за премиер Албанец, но сметаат дека против албански премиер е и самата ДУИ, која, според нив, ја загубила можноста да има премиер Албанец пред четири години кога ги измамила Албанците да гласаат за Насер Зибери, додека ДУИ гласала за Зоран Заев, а потоа за Димитар Ковачевски.

Со техничка влада и премиер од редовите на ДУИ не се согласува ниту Демократскиот сојуз. Оттаму предупредуваат на кршење на Охридскиот рамковен договор и на Амандман 6 од Уставот на Македонија, со тоа што ќе се формира техничка влада која, како што велат, дополнително ги суспендира и крши одредбите и начелата на соодветна и правична застапеност на сите етнички заедници.

– Со доминацијата на ДУИ, која има само 13 од вкупно 120 пратеници, се покажува и потврдува определбата на СДСМ по секоја цена да биде на власт, неводејќи сметка за националните и државни интереси, како и за интересите на мнозинскиот македонски народ. Сакаме да предупредиме дека ваквата политика нема поддршка од мнозинството граѓани и не поминуваат манипулациите дека тоа е Европски фронт и слично, соопштија од Демократскиот сојуз.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот