
Дали Обединетите нации сè уште ја исполнуваат својата цел?
Обединетите нации беа критикувани поради нивните финансиски проблеми и неможноста да го одржат мирот во сложени геополитички услови. Може ли организацијата да продолжи да ги исполнува задачите за кои е основана?
Обединетите нации обединуваат 193 држави членки. Таа меѓународна организација ја сочинуваат претставници на владите од целиот свет. Основана е по Втората светска војна. Првата конференција е одржана во 1945 година, а првото Генерално собрание следната година во Лондон. Тоа значи дека ова годишното собрание, кое се одржува во седиштето на Обединетите нации во Њујорк, се одржува по 80. пат.
Препорачано
Целите на Обединетите нации се одржување на меѓународниот мир и безбедност, заштита на човековите права, обезбедување хуманитарна помош, поддршка на одржливиот развој и климатските акции, како и зачувување на меѓународното право. Тоа се постигнува преку голема мрежа на агенции и тела ширум светот.
Оваа институција е соочена со предизвици како никогаш досега. Еден од клучните проблеми е поделбата во Советот за безбедност во однос на прашањето за војната на Израел во Газа и руската инвазија врз Украина.
Мировните мисии на Обединетите нации, исто така, се предмет на критики, особено во Африка. Група експерти за климатска политика, меѓу кои поранешната шефица на ОН за клима Кристијана Фигерес, поранешниот генерален секретар Бан Ки Мун и познатиот научник Јохан Рокстром, минатата година оценија дека светските климатски конференции на Обединетите нации веќе не се соодветни за остварување на зададените климатски цели.
Што е Генералното собрание на ОН?
Секоја година во септември, светските лидери се собираат за да расправаат и се обидат да усвојат резолуции кои државите ги предлагаат за различни теми во рамките на Генералното собрание. Централен дел е „Општата дебата“, за време на која секој лидер држи говор, со препорачано ограничување од 15 минути. Традиционално, Бразил говори прв, а потоа САД како домаќин. Во 2025 година, дебатата започна на 23 септември и ќе трае неколку дена.
Сепак, овие резолуции во суштина се само израз на меѓународно усогласени ставови и најчесто не се правно обврзувачки. Генералното собрание може да носи одредени буџетски одлуки и да именува непостојани членки на Советот за безбедност.
Дури и генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, во пресрет на собранието призна дека неговата организација тешко остварува практично влијание во областа на безбедноста. „Немаме ниту морков ниту стап. А, во свет со вакви геополитички поделби, исклучително е тешко да се натераат актерите во конфликтите да ја разберат потребата за мир“.
Можат ли ОН навистина да придонесат за мир?
Советот за безбедност на Обединетите нации се смета за главно тело за зачувување на меѓународниот мир и безбедност, но одамна е предмет на критики поради неговиот ограничен состав, кој често им овозможува на клучните членки да блокираат резолуции.
Во моментов, Советот го сочинуваат пет постојани членки: Велика Британија, САД, Русија, Кина и Франција — сите нуклеарни сили и победнички држави од Втората светска војна. Тука се и десет непостојани членки кои се избираат на двегодишен мандат според регионален клуч.
Клучно е што овие пет постојани членки имаат право на вето, со кое можат самостојно да блокираат одлуки. САД повеќепати го користеле ветото во врска со војната во Газа, додека Русија истото го направи за Украина, како и за Северна Кореја, Сирија и палестинските територии. Наспроти тоа, за непостојаните членки да спречат усвојување резолуција, дури седум од десет мора да гласаат против.
Критичарите тврдат дека Советот за безбедност е застарен и не обезбедува рамноправна застапеност на земјите од светот. Особено тоа важи за Африка и Јужна Америка, кои немаат постојан претставник во Советот. Даниел Форти, специјалист за Обединетите нации при невладината организација Меѓународна кризна група, изјави за ДВ дека реформата е тешко изводлива бидејќи „постојаните пет членки не сакаат да прифатат промени што би го намалиле нивното влијание“. Тој додава дека малкумина би рекле дека Советот за безбедност моментално функционира добро. „Геополитичките судири меѓу САД, Кина и Русија го направија речиси невозможно Советот да реагира на најголемите светски конфликти во последната деценија. Тоа сериозно го наруши кредибилитетот на Советот, а со тоа и на Обединетите нации“.
Дали повлекувањето на САД го отежнува финансирањето на ОН?
Обединетите нации главно се финансираат од обврзни придонеси на државите членки, во согласност со нивната големина и богатство, како и од доброволни прилози, најчесто од побогатите земји.
Иако САД сè уште уплаќаат средства, одлуката на Доналд Трамп да потпише низа извршни уредби за повлекување од повеќе програми и институции на Обединетите нации, вклучувајќи ја Светската здравствена организација (СЗО), ја доведе организацијата во финансиски тешкотии.
На почетокот на овој месец, Гутереш предложи намалување на буџетот на ОН за 500 милиони долари (околу 425 милиони евра) за наредната година, што е околу 15 проценти од основниот буџет — од 3,7 милијарди на 3,2 милијарди долари. Иницијативи како Светската програма за храна (9,7 милијарди долари), Агенцијата за бегалци на ОН (10,7 милијарди) и Светската здравствена организација (6,8 милијарди) чинат уште повеќе и исто така се соочуваат со финансиска неизвесност.
„Намалувањата на помошта и замрзнувањата на средствата кои Вашингтон ги воведе ја присилуваат организацијата на значително повлекување“, рече Форти.
„Ниту една друга држава не покажа подготвеност да ги пополни сите финансиски дупки што останаа. Тоа значи дека Обединетите нации ќе мора да направат многу тешки кратења, не само во рамките на системот, туку и во помошта што им ја даваат на луѓето ширум светот. Тоа значи помалку кампањи за вакцинација, помалку образовни иницијативи и помала поддршка за бегалците“.
Дали е можна реформа на Обединетите нации?
Повиците за реформа на Обединетите нации постојат речиси колку и самата организација, но сега се сè погласни и почести. Претседателот на Ирска, Мајкл Д. Хигинс, минатата година повика Обединетите нации „да се преобликуваат за иднината, давајќи поголеми овластувања на Африка, Азија и Латинска Америка“. А, американскиот претседател Доналд Трамп во февруари изјави: „Отсекогаш сум сметал дека Обединетите нации имаат огромен потенцијал. Моментално не го користат како што треба“. Таа изјава ја повтори и на Генералното собрание во понеделникот.
Даниел Форти од Меѓународната кризна група исто така ја гледа потребата — но и можноста — за промени. „Организацијата може да се реформира. Но, тоа ќе биде трнлив пат. Сериозна реформа бара време и веројатно ќе биде болен процес за земјите што се потпираат на поддршката на Обединетите нации“, рече тој.
Форти заклучува: „За Обединетите нации да влезат во следната фаза на своето постоење, ќе биде потребна јасна визија за реформата од следниот генерален секретар, како и значајна дипломатска поддршка од бројни членки. Организацијата преживеала турбулентни периоди во својата историја. За повторно да успее, земјите ќе мора јасно да покажат зошто Обединетите нации се важни за нивните народи“.
Извор: Дојче веле/ Автор: Мет Пирсон