Да се објават сите македонски функционери со бугарски пасоши!

Знаме на РСМ и Република Бугарија / Фото: Архива на Слободен печат

Министерството за надворешни работи сè уште нема одговор на соопштението на бугарското МНР, кое во понеделникот обвини за говор на омраза во кампањата за градоначалник на Скопје, што според нив поттикнува дискриминација и нетолеранција на граѓаните со бугарска самосвест. Бугарското МНР најави дека „Бугарија ќе посвети посебно внимание на сите процеси за создавање неопходни услови за слобода на самоидентификација и почитување на правата на граѓаните“ и потсети дека „доследната, совесна и целосна примена на меѓународно обврзувачките законски обврски е од клучно значење и останува предуслов за напредок во пристапувањето во ЕУ“.

Од МНР не одговорија како ќе се постават кон новата реторика на Софија, која инсистира дека Скопје врши дискриминација и го прекршува Договорот за добрососедство, а не откриваат ниту дали и кога ќе се реализира билатералната средба што се очекуваше до крајот на октомври или на почетокот на ноември. На оваа средба требаше за да се усогласи т.н. „Патоказ пет плус еден“, во кој најновото и одеднаш најприоритетно стана барањето Бугарите да се вметнат како малцинство во македонскиот Устав.

Според специјалниот пратеник на Владата во Софија, Владо Бучковски, треба да се отвори сериозна дебата за внесувањето на Бугарите во Уставот, затоа што бугарскиот државен врв бара веднаш да се разговара на таа тема.

– Јасно му е веројатно и на претседателот Румен Радев, јасно му е и на службениот министер за надворешни работи, дека кај нас за промена на Уставот, ако сега ја почнеме и ја завршиме до година, ни треба двотретинско мнозинство, а во овој момент без гласовите на опозицијата, тоа не е можно – рече Бучковски за ТВ21.

Според него, ако во Софија има политичка влада, во декември ќе има уште една можност за решение на спорот, а непочнувањето на преговорите на Република Северна Македонија и Албанија со ЕУ ја загрозува стабилноста на Балканот. Поради тоа, смета Бучковски, не се потребни брзи предвремени избори.

Додека во Македонија трае консолидацијата по пресвртот на локалните избори и оставката на премиерот Зоран Заев, во Софија се заострува реториката во врска со бугарското државјанство на скопската градоначалничка Данела Арсовска. Историчарот од Бугарската академија на науките (БАН) Светлозар Елдеров побара МНР на Бугарија во даден момент да ги објави имињата на сите општествени или политички дејци во Македонија кои имаат бугарски пасоши.

– Во случајот со Арсовска беа покажувани некакви лични карти и таму едната страна одрекуваше, а другата инсистираше. Мислам дека нашите власти не можат да ја остават без последици таа шашма со симболите на бугарската државност. Во практика, или е вистина, или е лага. И во двата случаја бугарското министерство мора да направи нешто. Политичките лидери за кои се говори некаде јавно, а некаде неофицијално, дека имаат пасоши, треба или сами да излезат и да кажат или бугарското МНР да го направи тоа наместо нив. Бидејќи, да си Бугарин и да имаш бугарски пасош и бугарско државјанство, кога законот тоа го дозволува, не е конспирација, туку чест, достоинство и законско право – вели Елдеров.

Тој додава ова е потребно за да не се дава повод бугарското државјанство да се користи во политичката борба во Република Северна Македонија „како нешто нелегално, нешто грозно, нешто ужаснувачко, безмалку како национално предавство“. Елдеров е песимист дека односите меѓу Скопје и Софија ќе тргнат во подобра насока.

– Ако има некаква промена, таа ќе биде само кон полошо. Каква позитивна промена може да очекуваме, кога таму бугарскиот пасош, официјален документ и симбол на бугарската државност, се користи за компромитација во политичката борба? И ако тоа се прави во однос на видни политички личности, лидери на партии, кандидати за градоначалници, може да си претпоставиме што значи тоа за обичните луѓе, кои имаат желба јавно да се декларираат како Бугари. Така што, последните локални избори во Република Северна Македонија за нас би требало да бидат нешто како откровение, кое потполно го разобличи лицето на сите, на тамошната политичка класа. Зашто тој, кој обвинуваше и го нарекуваше бугарскиот пасош „компромитација“, доаѓаше во Бугарија, се сликаше пред спомениците, се прегрнуваше со нашите политичари и со тогашниот премиер. И ова нема да избледи толку лесно – рече Елдеров.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот