Д-р Татјана Гуржанова за потребата од едукација и користење на модерна контрацепција: Жените во Македонија се плашат од хормони, а од абортус не

конференцијата за достапноста на современата контрацепција организирана од ХЕРА/Фото: Слободен печат/Мирослава Симоновска

„Во земјава имаме „хормонофобија“, а фобија од абортуси нема. Полесно жените се одлучуваат на абортус отколку да се одлучат за превенција, да не дојде до несакана бременост. Кога велам хормонофобија, тоа е најчесто поради карцином на дојка, но секојдневното конзумирање алкохол е поголем ризик фактор за карцином на дојка отколку хормонската контрацепција“, рече докторката гинеколог Татјана Гуржанова, на конференцијата за достапноста на современата контрацепција организирана од ХЕРА.

Таа додаде дека 20 проценти од несаканите бремености на светско ниво се поради неинформираност, а со последната генерација на контрацептиви негативните ефекти се на минимум, но едукацијата е слаба дури и кај гинеколозите.

Доктор Гуржанова истакна дека е неопходно да се едуцираат фармацевтите, бидејќи на млад човек му е полесно да влезе во аптека отколку кај доктор гинеколог, бидејќи меѓу гинеколозите и младите жени постои необјаснета бариера. На конференцијата стана збор за тоа дека фармацевтите се најдостапните здравствени работници чија добра едукација и спремност може да биде од исклучително значење за младите луѓе кои бараат контрацепција во аптеките.

Претседателката на Фармацевтската комора Весна Ставрова, рече дека советите на фармацевтите се од непроценливо значење.

-Кога доаѓаат кај нас младите кои се неинформирани и нашите совети се во насока на превентива со информации за превенција од сексуално модерната контрацепција штити од голем број бремености но кај нас има голем број фактори кои доведуваат до тоа таа да е тешко достапна. Тука е високата цена на пазарот и недоволната информираност на младите за начинот и употребата на контрацептивните средства. Сметам дека треба да се ревидира позитивната листа при што дел од тие препарати ќе се најдат на позитивната листа и на тој начин младите би ги добиле поевтино. Ако има било какво незадоволство со претставка до фармацевтската комора, рече Ставрова.

Иако од март постои можност фирмите да аплицираат со предлози нивното контрацептивно средство да се најде на позитивната листа на лекови односно да биде плаќано од страна на Фондот за здравство доколку тоа се одобри, сепак ниедна компанија досега нема доставено таков предлог. Така Македонија останува држава во која ниту еден контрацептив не може да се добие на товар на Фондот во аптеките. Ирина Луческа, претставничка на Фондот за здравство вели дека 13 години позитивната листа не е проширена и на неа нема ниедно контрацептивно средство.

-Поради ова Македонија е критикувана од глобалните развојни агенции, веројатно со право. Но, од март наваму секој производител може во Министерството за здравство да аплицира со барање нивното контрацептивно средство да се најде на позитивната листа. СЗО и Советот на Европа мерат како котира нашата земја споредено со другите и мерењето за Македонија укажува на тоа дека на ниво на Европа ние не сме најлоши, има 10 земји во Европа што се полоши од нас. Тоа што не држи нас на ниво е покриеноста со здравствени услуги односно сепак, покриено е номинално советување во моментот. Дали е тоа доволно е знак на прашање и анализа, рече Луческа.

Во Србија, спореди таа, четири контрацептиви се на позитивната листа, а преваленцата на користење на модерна контрацепција е 18 проценти, не повеќе од Македонија.

-Во Бугарија е 38, а нема ниту едно средство на позитивната листа, додаде Луческа.

Програмската раководителка на ХЕРА Драгана Каровска Чемерска рече дека пристапот до модерната контрацепција е клучен ја зголемува независноста на жените и девојките. Но, за ранливите групи пристапот до бесплатни контрацептиви е само во Скопје преку превентивните програми на Министерството за здравство. Станува збор за програми наменети за лица во социјален ризик, или жени кои имале голем број абортуси досега.

-На почетокот буџетот за ова беше само 100 илјади денари. Оваа година буџетот го покачија но и покрај тоа, тој е достапен само во главниот град, што значи дека нема соодветна дистрибуција во сите региони од државата и за бесплатна контрацепција некој треба да патува до центарот на главниот град, рече Каровска Чемерска.

Таа додаде дека во 2005 година стапката на користење модерна контрацепција била 9.8 проценти, а во 2014 таа изнесува 14 проценти од кои високи 11 проценти отпаѓаат на користење на кондомот. Според податоците на ХЕРА повеќе од 35 проценти од младите луѓе се потпираат на прекинување на сексуалниот однос како традиционална метода за спречување на бременоста што носи поголем ризик од непланирана бременост, а само 14 проценти од жените кои се во брак користат модерна контрацепција, а тие кои не се во брак 21 процент користат некаква контрацепција. Во земјава во 2020 година има благ пораст на раѓања од мајки до 19 годишна возраст.

Членката на групата за застапување за сексуално репродуктивно здравје Марија Ѓоргиевска, рече дека политичарите ги искористуваат младите кога пишуваат политички програми, а потоа ги забораваат. Таа додаде дека младите од маргинализирани групи немаат пари за контрацепција и единствен извор им се бесплатните програми.

-Нас ни е јасно дека живееме во религиозна држава која си ја негува традицијата, ама со едукацијата не бараме традиционалните вредности да се заборават туку да имаме достапни извори на информации. Едукацијата ќе создаде простор за здрави одлуки. Имаме млади кои се срамат да прашаат за сексуалното здравје, бидејќи тоа ќе им донесе стигма и имаме несензибилизиран здравствен кадар поради кој е изгубена довербата во здравствениот систем, посочи таа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот