
Чувствувајќи го Конески во неговиот спомен-дом се одржа настан на КЕЦ „Небрегово“
Културниот и едукативен центар „Небрегово“ на 4 септември во спомен-домот „Блаже Конески“ во Небрегово ја промовираше 18-тата книга од својата продукција, годинава посветена на големиот јубилеј посочен во насловот „80 години Азбука и Правопис на македонскиот стандарден јазик“.
Препорачано
Културниот и едукативен центар (КЕЦ) „Небрегово“ годинава одбележува три значајни јубилеи – сто години од раѓањето на својот прв и доживотен претседател Трајко Стаматоски, 25 години од основањето на Фондацијата за македонски јазик (сега КЕЦ) „Небрегово“ и 20 години од востановувањето на спомен-домот „Блаже Конески“ во Небрегово.
– Има една непобитна вистина дека спомен-домот „Блаже Конески“ во Небрегово станува култно и едукативно место за нашата национална култура и затоа треба да биде програмска определба во работењето на Владата, Министерството за образование и наука, Министерството за култура и туризам, како и локалната самоуправа во Прилеп и Долнени – рече Атанас Конески, секретар на КЕЦ „Небрегово“, истакнувајќи ја суштинската потреба за редовни, програмирани и организирани активности во спомен-домот во текот на целата година, со цел непосредно и изворно запознавање со ликот и делото на Блаже Конески.
Со таква цел промоцијата 18-тата книга од продукцијата на КЕЦ „Небрегово“, годинава посветена на големиот јубилеј посочен во насловот „80 години Азбука и Правопис на македонскиот стандарден јазик“, се одржа во Небрегово. На настанот присуствуваа луѓе кои не само што го почитуваат, туку и го чувствуваат ликот и делото на великанот Блаже Конески.
Покрај членовите на Управниот одбор на КЕЦ „Небрегово“, дел од авторите на текстови во најновата книга „80 години Азбука и Правопис на македонскиот стандарден јазик“, професори и ученици од прилепското средно училиште „Мирче Ацев“, претставници на Фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“ од Долнени, на настанот дојде и Горан Момироски, претставник од Кабинетот на Претседателот на државата, Гордана Сиљановска-Давкова.
За промовираната книга Атанас Конески рече дека претставува своевидна енциклопедија на сите претходно издадени книги на КЕЦ „Небрегово“, а зборувајќи за подготовката и издавањето на книгата рече: „Блаже Конески колку повеќе се оддалечува со неговото физичко заминување, толку повеќе ни се приближува со неговата духовна големина, со неговото епохално дело. Затоа Блаже Конески е бесмртен, а славата на бесмртните е бесконечна и ним треба секогаш да им се оддолжуваме.“

Пред присутните новата книга ја претстави професорот Максим Каранфиловски, кој со неколку реченици ги образложи сите 22 текста од исто толку автори кои се напишани на јубилејната тема – „80 години Азбука и Правопис на македонскиот стандарден јазик“. На поголемиот дел од авторите на текстовите КЕЦ „Небрегово“ им додели признанија и награди „Зборот на Конески“. Книгата завршува со повеќе прилози од сите дневни весници за бројните активности и манифестации на КЕЦ „Небрегово“. Во таа насока, годинава наградата „Зборот на Конески“ ја добија новинарите Марија Латиновска од ТВ 24, Елизабета Митреска од МТВ и Дарко Штаргоски од Прилеп.
На настанот беа прочитани текстови и песни од Блаже Конески, беа рецитирани нови творби посветени на Конески, а беше претставен и добитникот на наградата „Гајдата на Пеце“ на Фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“ во Долнени.

Настанот заврши со потсетување на средбата на претставници на КЕЦ „Небрегово“ и на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ со Претседателот на Собранието Африм Гаши и континуираното барање и надеж дека благовремено и неодложно Законот за измени и дополнувања на Законот за државни награди ќе биде ставен на Дневен ред за собраниско гласање, со што ќе се отвори можноста годинава за првпат да бидат доделени наградите „Блаже Конески“ и „Ремзи Несими“. Државната награда „Блаже Конески“ ќе биде врвно признание за неговиот лик и дело, како и за идните добитници на наградата со неговото име.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 297, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 6-8.9.2025)