
Човекот што ја измисли тангата
Телото не треба да се сексуализира, туку да се ослободи: тоа беше идејата зад тангата. Тоа мало парче ткаенина го измислил Руди Гернрајх. Како и сè во неговиот живот, тоа беше политичка порака.
Овие денови може да се види насекаде: ѕирка од панталони со низок струк како да е 2008 година, светка под проѕирни фустани за плажа или открива исончани задници на плажата.
Препорачано
Точно, станува збор за тангите, кои во моментов доживуваат свој камбек — благодарение на оживувањето на модата од 2000-тите, кога беа насекаде присутни. Она што многумина не го знаат: нивното создавање било политичка порака, а нивниот творец бил хомосексуалец.
Јули 1974: последното нудистичко лето во Лос Анџелес
Но, да почнеме по ред. Летото 1974 година, популарната плажа Venice Beach во Лос Анџелес се претворила во море од откриени задници.
„Сите беа голи“, се сеќава еден поранешен спасител во изјава за американскиот весник LA Times. Како дошло до тоа, никој не знае. Се знае само дека овој нудистички тренд дошол во времето на хипи-движењето, чии следбеници веројатно се радувале на фактот дека голотијата тогаш сè уште не била изрично забранета.
Но, сонот за „летото на голите“ не траел долго: прво дошле медиумите, потоа полицијата. Откако капењето без облека стигнало на насловните страници, Лос Анџелес едноставно го забранил.
Каква врска има тоа врска со тангите? Руди Гернрајх, австриски дизајнер кој живеел во ЛА, се побунил против оваа забрана — на свој начин. Како одговор на цензурата на голото тело, Гернрајх создал мало парче ткаенина за сите полови, кое го покривало само најнеопходното.
Притоа, неговата цел не била да го сексуализира телото. Напротив: „Ослободувањето на телото ќе го излечи општеството од неговиот сексуален комплекс“, наводно рекол Гернрајх. Тоа не било првпат тој со мода за кршење на табуата.
Кариера во ЛА
Гернрајх е роден на 8 август 1922 година во главниот град на Австрија — Виена. Во Лос Анџелес пронашол нов дом во 1938 година. Тогаш 16-годишниот син на еврејски родители морал да избега со мајка си од нацистите. Неговиот татко кратко пред тоа извршил самоубиство. Додека мајка му во САД продавала печива од врата на врата, младиот Руди исто така барал работа за да ѝ помогне: ги миел телата на починатите кои се подготвувале за обдукција.
„Мораше да се насмевнам кога луѓето ми велеа дека мојата облека е толку припиена на телото, како да сум студирал анатомија. Јас навистина студирав анатомија“, рекол Гернрајх во есеј во книгата на Мофит и Клакстон The Rudi Gernreich Book.
Всушност, подоцна Гернрајх не студирал анатомија, туку уметност, работел како костимограф и танчар. Во неговите дизајни секогаш се гледа фасцинацијата со телото, без разлика на полот.
„Машко или женско, сите ќе се облекуваат исто“
Во време кога хомосексуалноста во САД сè уште била казнива, Гернрајх отворено живеел како хомосексуалец. Бил коосновач на Mattachine Society, една од првите организации за ЛГБТК+ права во САД.
Она што денес го нарекуваме квир, Гернрајх тогаш веќе го живеел. За овој „татко на топлесот“ иднината на модата била унисекс: „Облеката повеќе нема да се идентификува како машка или женска“, предвидувал уште во 1970-тите.
„Зима или лето, машко или женско, сите ќе се облекуваат исто“.
За Експото во Осака 1970 година дизајнирал цела унисекс колекција, а неговите модели, и жени и мажи, биле без шминка, избричени и без влакна.
Ослободете ги брадавиците
Модата на Гернрајх исто така раскинала со идеалите за убавина од 1950-тите, кои женските тела ги стегале во тесни корсети. Најдоцна во 1964 година станал познат на пошироката јавност кога го претставил својот озлогласен костим за капење без горен дел: монокини. Тој костим, тогаш како и денес, се сметал за скандалозен. Откривал гради речиси целосно, оставајќи само две ленти ткаенина, практично била тоа танга за гради.
Бидејќи Гернрајх сметал дека жените, исто како и мажите, треба да имаат право да ги покажуваат брадавиците, и пред сè, самите да одлучуваат за тоа.
„Не сакам на жените да им се пропишува што треба да носат“, рекол Гернрајх во 1966 во интервју за новинската агенција АФП.
Како тој би гледал денес на времето во кое Инстаграм цензурира женски брадавици, а јавната голотија сè уште претставува проблем на многу места? Со сигурност може да се каже дека Гернрајх бил човек пред своето време.
Извор: Дојче веле/ Автор: Џамилија Пранге де Оливеира