ацо шопов
Ацо Шопов

Четириесет години од смртта на Ацо Шопов: Хуманистичките валери и космополитскиот дух на Шопов не познаваат граници

На 20 април ќе се навршат 40 години од смртта на Ацо Шопов (Штип, 20 декември 1923 – Скопје, 20 април 1982), македонски поет и преведувач, член на МАНУ и еден од основоположниците на современата македонска поезија.

Авторот на првата збирка „Песни“ (1944) на македонски јазик објавена во слободна Македонија, Ацо Шопов, засекогаш оставил трага во македонската литература и историја. Оттаму потсетувањето на датуми поврзани со неговиот животен пат и творештво се еден вид обврска на секоја генерација.

Доминантна карактеристика на творештвото на Шопов е поетската потрага што во едно исто ги соединува интимното искуство, сопствената судбина, судбината на неговата земја и судбина на човештвото.

Во обид да дадеме ново толкување на творештвото на Шопов, се сретнавме со повеќе соговорници. Меѓу нив е академик Влада Урошевиќ, кој најдолго имал можност да го следи животниот пат на поетот.

– Кога ќе се свртам наназад, кон годините што изминале, ја чувствувам како еден вид привилегија можноста што ја имав – да ги познавам лично тројцата големи поети од првата генерација: Јаневски, Конески, Шопов. Овие тројца втемелувачи на современата македонска поезија беа навистина исклучителни личности, и како луѓе и како творци. Помеѓу нив Шопов пленуваше со својата одмереност, смиреност, благородност. И таквата негова природа се одразуваше и во неговата поезија: неговите стихови ја имаа во себе благоста на емпатискиот пристап кон светот околу себе, желбата за помирување на спротивностите, чувството за мера, напорот да се сочува внатрешниот духовен интегритет, стремежот кон совршеноста. Тие години – мислам на педесеттите и шеесеттите години на минатиот век – поетите извонредно многу придонесуваа за успешноста на колективниот напор насочен кон стабилизирање на јазикот, кон неговото облагородување, збогатување.

академик Влада Урошевиќ

– И денес кога ја читам поезијата на Шопов ја чувствувам таа креативна енергија што се труди да го освои за македонскиот јазик статусот на книжевен јазик, рамноправен со другите околни словенски јазици кои ја имале среќата порано да го оформат својот литературен облик. Во тој процес, кој кај нас се одигруваше мошне забрзано, со секавично постигање на резултати што ќе останат како трајни, поетите (и како творци на сопствените стихови, но и како препејувачи) беа оние што предничеа. Она што Ацо Шопов со својата поезија го постигна – тоа е, секако, подемот на културата на стихот, постигањето на симболичната полнота на зборот, досегањето на едно извонредно високо ниво на изразот – се сеќава поетот Влада Урошевиќ.

Стожерен поим: Небиднината како присутност на бесконечното

Пораките што Ацо Шопов ги остави во стихозбирката „Небиднина“ (1963) се актуелни и во денешното време, 40 години по неговата смрт. Актуелни се и толкувањата на неговата поетска оставина, а писателот, есеист и професор Александар Прокопиев открива нови димензии на поимот „небиднина“.

– „Небиднина“ е стожерен поим изнедрен од творечката имагинација на Шопов, и затоа полисемичен, несводлив, номадски, како што се поетската личност и творештво на еден од најсилните автори во македонската поезија. Небиднина е исчекор, узлет што извира од магиската способност на поетот да го именува неименуваното во духовен транс, што е суштинска благодат во геопоетичкото создавање кај Шопов. Во циклусот од пет песни „Небиднина“, секоја од нив е проникната од полифоничната моќ на елементите, од поетската потрага да се открие хармоничното единство со природата, со времето, со смртта и со самиот себе. Затоа во бројните толкувања неточно е ако „небиднината“ се сведува на сферата спротивставена на биднината – како ништо, безизглед. Таа е многу повеќе: присутност на бесконечното, неопходна, некогаш ужаснувачки вистинита, но длабоко инспиративна подзаборавена сплотеност со таинственото ПраЕдно. Пат на јанѕа, но и пркос, премавнување, своевидно иницијациско прочистување – заклучува писателот Александар Прокопиев.

Александар Прокопиев

Творечкиот пат на Ацо Шопов со повеќе книги го следи и Јасмина Шопова, ќерка на Шопов, која покрај поетската ја истакнува и преведувачката дејност на својот татко, но несомнено ја потенцира неговата актуелност и во денешно време.

– Она што четириесет години по смртта на Шопов фасцинира кај него, тоа е неговата извонредна актуелност. Не мислам само на поимот „небиднина“ што за некои наши сограѓани стана еден вид метафора на нашата сегашност, така што поетскиот неологизам од почетокот на шеесеттите години на минатиот век денес редовно се користи во литературата и во медиумите (со сите значенски исчекори што можат да се очекуваат). Не мислам само на неговите сатирични песни од пред повеќе од половина век, кои осврнувајќи се на тогашната југословенска реалност како да ѝ се потсмеваат со истата добронамерна иронија на денешната македонска стварност. Не мислам само на последните стихови од неговиот живот во кои дотогаш толку присутната, но експлицитно неименувана татковина избива на прв план, како „неостварена љубов“, како галија што „плови низ бурите, ту исчезнува меѓу брановите, ту изронува од нив“, како земја во која „се збиднуваат и се прекршуваат сите дилеми на светот“. Мислам, пред сè, на онаа суштинска способност на неговата поезија во едно исто интимно искуство да ги обедини и неговата лична судбина и судбината на неговата земја со заедничката судбина на човештвото. Благодарение на таа способност, доаѓаат до израз хуманистичките валери и космополитскиот дух на Шопов, кои не познаваат ниту географски ниту временски граници – вели Јасмина Шопова, ќерка на Ацо Шопов.

Ацо Шопов (Штип, 20 декември 1923 – Скопје, 20 април 1982)

Покрај припадноста и стремежот да биде тука, Шопов за време на својата дипломатска дејност собира импресии и од други поднебја. Во неговото творештво се појавува и фаза на егзотизам сфатена како сон за далечни и непознати краишта.

– Во творештвото на Ацо Шопов егзотизмот се манифестира низ стиховите на збирката „Песна на црната жена“ (1976) и е плод на една реална, духовна авантура, резултат на конкретна состојба во којашто се нашол поетот во еден миг од животот – дипломатскиот престој во Сенегал (1971-1975). Значи, егзотиката во песните на Шопов се храни во допир со поднебјето на древната Африка. Но, она што е оригинално и што претставува новина во поетското обликување на егзотичното, тоа е настојувањето на Шопов да ги осмисли егзотичните предели однатре и притоа да пронајде некаква аналогија со родното поднебје. Така, под африканското небо и расцутените фланбоајани, во мистичното одекнување на там-тамот, во танцот на црната жена која „змијулесто се извива на дождот / како во прегратки на маж“, во човековата збунетост пред бескрајот на океанот по кој некогаш пловеле галиите со робови, во древното африканско дрво баобаб во чие стебло „закопани исправено, лежат мртвите“…, Шопов го чувствува здивот на својата Македонија, ја наоѓа „црната мака“ на својот народ низ вековите. Во оваа смисла, во едно интервју за сараевското списание „Одјек“ во 1976 г., самиот ќе истакне: „Сакајќи да го запознам и откријам светот, јас поблиску ја открив и ја запознав татковината. И обратно, откривајќи ја својата татковина, во суштина го запознав и го открив светот“ – толкува професорката Лидија Капушевска-Дракулевска.

Кратки форми: Гласот на тишината

Кратките форми се уште една од карактеристиките на поетското творештво на Ацо Шопов. Како автор што се занимава и со пишување хаику, на Владимир Мартиновски му го поставивме прашањето како гледа на кратките форми кај Шопов, кои може да асоцираат на хаикуто и колку таквиот израз веќе тогаш го карактеризирал како модерен автор.

– Очигледно е дека лирските минијатури на Ацо Шопов не се устроени како класичното хаику. Несомнено е дека поетот не настојувал да ги следи ниту версификациските ниту, пак, естетските параметри на оваа далекоисточна лирска канонизирана форма. Сепак, би можело да се забележат макар неколку сродности и творечки „совпаѓања“ меѓу поетскиот пристап на А. Шопов во „минијатурите“, објавени во поетската книга „Слеј се со тишината“ (1955) и жанрот на хаикуто. Прво, идејата за претопувањето/слејувањето на субјектот со тишината асоцира на медитативните практики својствени за Истокот. Второ, наклонетоста на Шопов кон лапидарноста на изразот и редукцијата на лексичкиот материјал во овој циклус има идејна заднина во сознанието дека „тишината може многу погласно да изговори некои вистини и од најгласните зборови и кажувања“. Трето, во дел од минијатурите и покрај тоа што се сочинети од по два римувани катрени (песните „Лист“, „Штрк“ и „Облак“), сепак може да се забележат секвенци кои дури и по сензибилитетот за суптилните промени во природата асоцираат на хаику. И конечно, во третманот на поетската слики од овој циклус се насетува асоцијативна сликовитост и усет за лирска пејзажност, која потсетува на дострелите и стратегиите на хаику-поезијата – посочува поетот, писател и професор Владимир Мартиновски.

Владимир Мартиновски

Меѓу младите книжевни истражувачи и воопшто посветениците на книжевноста, несомнено, творечкиот опус на Шопов е постојано присутен, со интерес за негово натамошно исчитување, особено поради спецификите на неговата поетика, како во контекст на македонската книжевна историја, така и во поширок, книжевен – критички и теориски контекст.

– Неспорно, Шопов се вбројува меѓу авторите чиешто творештво овозможува и заслужува и натамошни исчитувања и контекстуализирања, и оттука, исклучително важно е што како отворен ресурс постои веб-платформата „Лирскиот дом на Ацо Шопов“, којашто ни овозможува огромен фонд материјали. За да се дојде до толкав фонд материјали, на секој млад истражувач би му биле потребни барем неколку месеци, а можеби и години, ако се има предвид дека информацијата за дел од тие материјали би се добила дополнително, односно посредно, преку други материјали, во текот на самиот истражувачки процес. Но, сега речиси сиот фонд на материјали е достапен, а наше е да исчитуваме и да истражуваме… Сепак, кога станува збор за младите како дел од пошироката читателска публика, имам впечаток дека творештвото на Шопов не се рецепцира со позначаен интерес и оттука, соодветно е што се прават и ќе се прават обиди за негова реактуализација и преку современите комуникациски канали и новите медиуми – вели Иван Антоновски, асистент на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ.

Референца што го поврзува Антоновски со Шопов е насловот позајмен за антологијата „Ветерот носи убаво време“,што ја приредија со проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска пред 10 години, а со цел да се претстават поетиките на авторите родени во 80-тите години на минатиот век, кои тогаш беа нов „ветер“ во книжевниот простор, еден дел од нив и непознати или малку познати за поширокиот читателски аудиториум, а денес се едни од доминантите на македонската книжевна стварност.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 125, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 16-17 април 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот