
Четири групи луѓе кои треба да избегнуваат јагнешко месо
Се ближи Велигден, а со него и традиционалната празнична трпеза на која во многу домови ќе се најде јагнешкото месо.
Препорачано
Меѓутоа, иако јагнешкото месо е богато со хранливи материи и е извор на висококвалитетни протеини, тоа не е идеален избор за секого. За одредени групи луѓе, тоа може да претставува ризик по здравјето, па затоа треба да го ограничат или целосно да го избегнуваат.
1. Луѓе со висок холестерол и срцеви заболувања
Јагнешкото месо, особено мрсните делови, е богато со заситени масти и холестерол, што може да го зголеми ризикот од срцеви заболувања. Прекумерното консумирање црвено месо е поврзано со зголемено ниво на ЛДЛ („лош“) холестерол, што може да доведе до затнување на артериите и зголемен ризик од срцев и мозочен удар.
Препорака: Ако имате проблеми со висок холестерол, хипертензија (висок крвен притисок) или кардиоваскуларни болести, ограничете го внесот на јагнешко месо или изберете попосни делови од месото и подгответе ги на здрав начин (варење, печење без додадена мрснотија).
2. Луѓе со гихт и зголемени нивоа на урична киселина
Јагнешкото месо содржи пурини, супстанции кои во телото се разложуваат на урична киселина. Мочната киселина е нормален отпаден производ што се создава преку разградувањето на храната во телото, особено на соединенијата што се викаат пурини. Кај луѓето кои страдаат од гихт или имаат зголемени нивоа на урична киселина, прекумерното внесување на пурин може да предизвика болно воспаление на зглобовите.
Препорака: Луѓето склони кон гихт треба да избегнуваат јагнешко месо или да го консумираат во мошне мали количини и со зголемен внес на вода за да се поттикне излачувањето на урична киселина од организмот.
3. Луѓе со болести на бубрезите
Бубрезите се клучни за филтрирање на отпадот од крвта, вклучително и соединенијата на азотот од протеините. Јагнешкото месо е богато со протеини, што може дополнително да ги оптоварува ослабените бубрези кај луѓето со хронично заболување на бубрезите.
Препорака: Ако имате проблеми со бубрезите, важно е да го ограничите внесот на животински протеини и да се придржувате на исхраната препорачана од вашиот лекар.
4. Луѓе со дигестивни нарушувања
Помрсното јагнешко месо може да биде тешко за варење во организмот, особено за луѓето кои страдаат од:
– Рефлукс (ГЕРБ) – мрсната храна може да поттикне враќање на киселината назад во хранопроводникот.
– Синдром на иритабилно црево (ИБС) – јагнешкото месо може да ги влоши симптомите на надуеност и дијареја (пролив).
– Болести на жолчното ќесе – на луѓето без жолчно ќесе или со проблеми со функционирање на жолчката може да им биде тешко да ја сварат мрсната храна.
Препорака: Ако имате чувствителен дигестивен систем, изберете попосни делови од јагнешкото месо, консумирајте го во помали количини и комбинирајте го со лесно сварливите прилози како варен зеленчук.