Чернева во Бугарија обвинета дека на Македонец му предала чувствителни информации, Османи вели – со неа ги имавме најтешките преговори

Весела Чернева
Весела Чернева / Фото: МИА

Бугарските власти водат предистражна постапка против Весела Чернева советничката за надворешни работи на поранешниот премиер на Бугарија, Кирил Петков, за одавање чувствителни информации за позицијата на Софија за влезот на Северна Македонија во ЕУ, изјави првиот човек на бугарската Државна агенција за национална безбедност (ДАНС), Пламен Тончев.

Во одговор на прашање на пратеникот на националистичката партија Преродба „дали биле издавани информации за преговарачкиот процес на Република Северна Македонија и за чекорите што ги презема бугарската држава“, Тончев во бугарското Собрание, без да го спомне името на Чернева, изјави дека е покренат случај за тоа дека „тогашен советник на премиерот ги координирал ставовите на МНР со државјанин на Република Северна Македонија“.

– Нема да можам да одговорам детално, бидејќи е поведена предистражна постапка, одговори Тончев.

Според него, некои министри од тогашната бугарска Влада „дефинитивно не го штителе националниот интерес“ на Бугарија. Ова не се први обвинувања на сметка на Чернева во врска со земјава.

Поранешната шефица на бугарската дипломатија Теодора Генчовска во една прилика ја обвини Чернева дека „води паралелна надворешна политика“ и дека „лобира во преговорите со Скопје“.

Откако беа обелоденети сомневањата околу Чернева, шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи, во изјава за „360 степени“ рече дека во разговорите со Чернева, која беше советничка на бугарскиот експремиер Петков, е направен најмал исчекор во македонско – бугарските односи.

„Со Весела Чернева, како советничка на бугарскиот премиер Кирил Петков, ги водевме најтешките преговори“, вели Османи.

Кабинетот на Петков беше на власт од декември 2021 до август 2022 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот