Чавков не се сеќава!

фото: Слободен Печат

На денешното рочиште во Основен суд Скопје 1 за случајот „Тортура“ во својство на сведок, предложен од страна на Специјалното јавно обвинителство, се појави поранешниот прв човек на Бирото за јавна безбедност, односно поранешниот министер за внатрешни работи, Митко Чавков.

Ова негово повикување во судот за овој случај, за него било изненадување. Тој рече дека утрово не знаел зошто полицијата го спроведува од затворот „Скопје“, каде што го издржува притоворот, но кога влегол во судница дознал.

Воглавно на прашањата кои му беа поставувани одговараше дека не се сеќава, но сигурен е дека сѐ е документирано. Она на што се сеќава во врска со апсењето на Љубе Бошковски е дека станувало збор за индикации за коруптивно кривично дело поврзано со финансирање на политички партии.

– Имавме практика, која јас ја наметнав како началник, независно што работевме по стариот ЗКП, во секое дејствие што го превземавме да се вклучи претставник од Јавното обвинителство, тоа е моето сеќавање за овој случај, бидејќи имаше многу случаи во мојата кариера, изјави Чавков.

На прашањето на обвинителот Љубомир Лапе, дали учествувал во овој случај и која била неговата улога, Чавков рече дека не се сеќава на деталите, но е сигурен дека се било документирано, како и за сите случаи. На директното прашање на обвинителот, дали Чавков му се јавил на Ивица Анчевски да го уапси Бошкоски, тој рече:

-Не се сеќавам на детали, но со Анчевски ниту организациски, ниту функционално сум бил поврзан. Тој тогаш беше во рамките на СВР Скопје, рече Чавков додавајќи дека од обвинетите освен Сашо Мијалков и Ивица Анчевски друг не познава.

По Чавков сведочеше и Киро Николовски, кој во периодот на апсењето на Бошкоски, бил вработен како сметководител во полициската станица Гази Баба.

Тој раскажа дека Бошкоски бил донесен во станица околу пладне, а со него бил и адвокатот Љубомир Михајловски Џанго.

– Бев известен дека Бошкоски повторно ќе го вратат на местото на апсењето, бидејќи требало да се направи дополнителен увид, рече сведокот. На прашањето, дали Бошкоси се пожалил на начинот на кој бил уапсен, сведокот рече дека немал забелешка и го потпишале записникот. Тој дополни дека Бошкоски само му се обратил на адвокатот и му рекол:

„Виде ли како ме наместија“!

На денешното рочиште ќе бидат сослушани уште двајца сведоци.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот