Фото: Pexels / Mikhail Nilov

Цело време ги перете чорапите погрешно: Микробиолог открива зошто треба да ги пегламе

Со толку многу обврски околу домашните работи, лесно е да се заборави да се исперат сите оние чорапи. Но, научниците предупредуваат дека занемарувањето на правилното перење на чорапите може да доведе до нешто повеќе од само мирис на стапалата, пишува „Дејли мејл“.

Д-р Примроуз Фристон, микробиолог на Универзитетот во Лестер, предупредува дека вашите стапала се „минијатурна прашума од бактерии и габи“. За среќа, таа го открила вистинскиот начин да ги одржувате вашите чорапи чисти и свежи што е можно подолго.

Фристон наведува дека треба да користите вода од „најмалку 60 степени Целзиусови со детергент на база на ензими“.

„Ензимите ги одделуваат бактериите од влакната во ткаенината на чорапите, а високата температура ги убива бактериите и габите кои се прилагодиле на животот на температурата на човечкото стапало. Ако вашата машина за перење не може да ги испере чорапите на 60 степени Целзуисови, тогаш врелата пегла ќе ја заврши работата, особено ако ја користите функцијата за пареа. Пареата ѝ овозможува на топлината длабоко да продре во ткаенината и да ги елиминира бактериите и габите што предизвикуваат атлетско стапало“, објаснува таа.

Иако се заштитени со обувки поголемиот дел од денот, стапалата се меѓу највалканите делови од телото. Истражувањата покажаа дека од 10 до 100 милиони микроорганизми можат да живеат на секој квадратен сантиметар од кожата на стапалата. Ова е затоа што стапалата се топли, темни и влажни – совршено место за размножување на бактерии.

Стапалата, особено помеѓу прстите, се преполни со потни жлезди кои создаваат идеални услови за развој на микроби. Уште полошо, чорапите собираат нечистотија и бактерии од сите површини по кои одиме.

Тие дејствуваат како „микробни сунѓери“ за бактерии, габи и нивните спори од земјата, водата, влакната од домашни миленици и прашината.

Во една студија, чорапите имале највисока концентрација на бактерии и габи во споредба со кој било друг дел од облеката – дури и по само 12 часа носење. Микробите што ги собираат чорапите потоа се размножуваат во топлата, влажна средина на стапалата.

„Стапалата можат да бидат домаќини на и до 1.000 различни видови бактерии и габи. Некои од нив се хранат со потта што ја произведуваат стапалата, а непријатните мириси се создаваат како нуспроизвод на нивната активност – предизвикувајќи смрдливи стапала, чорапи и чевли“, вели д-р Фристон.

Овие бактерии варираат од безопасни до потенцијално опасни патогени како што се Aspergillus, Staphylococcus, Candida, Histoplasma и Cryptococcus.

Покрај секојдневното менување на чорапите, д-р Фристон истакнува дека правилното перење е клучно за спречување на инфекциите. Проблемот е што најчестите температури за перење – помеѓу 30 и 40 степени Целзиусови – се всушност во опсегот во кој микробите можат да преживеат.

„Перењето со детергент помага во чистењето, но во лабораториски услови утврдив дека бактериите и понатаму можат да останат во чорапите ако не ги перете на високи температури“, рекла таа.

Перењето на повисоки температури, како и пеглањето, гарантира дека нема да преживеат штетни микроорганизми.

„Своите чорапи ги исправ на висока температура со антибактериски детергент, а потоа ги испеглав со жешка пегла – сега се беспрекорно чисти, исто како моите стапала“, заклучува експертката.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот