ЦБ на Косово со тримесечен план за укинување на динарот, Курти вели не можеме да ја промениме одлуката

Албин Курти / Фото: EPA-EFE/VALDRIN XHEMAJ

Централната банка на Косово објави нов план за имплементација на одлуката за укинување на користењето на српскиот динар за готовинско плаќање, според кој преодната фаза за имплементација на новата регулатива, која стапи во сила на 1 февруари, ќе трае три месеци.

Со новиот транзициски план, меѓу другото, се предвидува функционализација на бесплатна телефонска линија за информирање на граѓаните од српска националност кои користат средства од Србија и олеснување на условите за отворање банкарски сметки.

Покрај тоа, се најавува инсталирање на повеќе банкомати и други електронски уреди, или финансиски самопослужувања, како и олеснување на процесот на размена на динари со евра од страна на лиценцирани финансиски и менувачки институции.

Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека нема да се откаже од одлуката еврото да стане единствена валута за плаќање во Косово, но рече дека ги почитува барањата на меѓународниот фактор по ова прашање.

Во Северна Митровица се одржа протест на косовските Срби против ваквата одлуката на властите во Приштина кој го организира Здружението на пензионери од Северна Митровица, а го поддржува најголемата партија на косовските Срби, Српска листа, која ги повика Србите од цело Косово да се приклучат, за да се спротивстават.

Регулативата беше критикувана од меѓународната заедница која тврди дека одлуката е донесена без претходна консултација.

Меѓународните претставници побараа од Косово да го одложи спроведувањето на уредбата, наведувајќи дека е потребно повеќе време српската заедница да се прилагоди на таа одлука.

Амбасадорот на Германија во Приштина, Јорн Роде деновиве изјави дека се потребни барем четири месеци со цел да се извршат потребните подготовки за безболно укинување на динарот.

На вонредната седница на Советот за безбедност на Обединетите нации што се одржа на 8 февруари, и на која се разговараше за ситуацијата на Косово по одлуката за забрана на динарот, Србија и Русија соопштија дека со овие акции Косово врши „етничко чистење“ на Србите на Косово.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот