Бујар Османи ќе иницира рамковен и за економијата, предлог по урнекот на експремиерот Хари Костов

Бујар Османи Фото Фејсбук Османи

Рамковниот договор се однесува на пазарната економија, за јавните набавки, за предност на домашните компании, на закрепнувањето на економијата, на даночната политика, домашни и странски инвестиции, инфраструктурата, на борбата против корупцијата, за предвидливо судство итн., вели за „Слободен печат“ висок функционер на ДУИ.

Рамковен договор за економијата ќе понуди претседателскиот кандидат на ДУИ Бујар Османи како втор столб од неговата програма за избор на шеф на државата. Ова Османи го најави по средбата со Стопанската комора на Северозападна Македонија.

Според информации од ДУИ, рамковниот за економијата е прифаќање на предлогот на експремиерот и директор на Комерцијална банка, Хари Костов, понуден пред три години, односно на јубилејното одбележување на 20 години од Охридскиот рамковен договор.

– Поканет на ифтар од Стопанската комора на Северозападна Македонија. Еден од столбовите на мојата програма е иницирањето широк консензус за Охридскиот рамковен договор сега за економијата – напиша Османи на Фејсбук.

Бујар Османи – министер за надворешни работи / Фото: Слободен печат/Методи Здравев

Османи не ни одговори што ќе значи рамковен договор за економијата зашто е веќе официјален претседателски кандидат, но висок функционер од ДУИ за „Слободен печат“ вели дека е време за голем општествен и политички рамковен договор за економијата.

– Исто како што направивме договор за внатрешното уредување на државата преку Охридскиот договор, како што направивме за регионалното и за континенталното уредување на односите со соседите и со ЕУ, како што направивме стратешко партнерство со САД, време е за целосна определба и концентрирање на сите напори за рамковен договор за економијата – вели функционерот на ДУИ.

Тој додава дека ДУИ го прифаќа предизвикот на Хари Костов, предложен на 20-годишнината од Рамковниот договор, како и на претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, и на другите комори, односно на бизнис-заедницата и целосно го интегрираат во изборната програма на ДУИ.

– Рамковниот договор се однесува на пазарната економија, за начинот на спроведување на јавните набавки, за предност на домашните компании, на закрепнувањето на економијата, на даночната политика, домашни и странски инвестиции, инфраструктурата, на борбата против корупцијата и организираниот криминал, за предвидливо судство во согласност со законите, а не според моќта, за департизација и деполитизација на економијата – вели за „Слободен печат“ висок функционер на ДУИ.

Што предложи Костов

Костов на дведеценискиот јубилеј од потпишувањето на Рамковниот договор, на конференцијата „По Охрид“, освен критиките, им предложи на партиите да потпишат рамковен договор за економски реформи што би се спроведувале независно кој е на власт. Според предлогот на Костов, во договорот би биле вклучени и претставници од науката и бизнисот, а би се опфатиле повеќе сфери, меѓу кои задолженоста на државата и нејзино сведување во подносливи рамки, како и рационализација на државната администрација. Тој тогаш предложи да се формира фискален совет со учество на експерти.

 

– Борбата против корупцијата и организираниот криминал во земјава достигна таков степен и толеранција меѓу населението, што не помагаат ниту некакви годишни програми, ниту назначувања функционери. Како што би рекол еден мој пријател, 30 години се вртиме во еден маѓепсан круг на големи очекувања од секоја промена на власта и потоа брзи разочарувања, отсуство на вистински економски реформи и гол популизам, се поголема корупција, партизација и поделеност на народот и општеството – рече тогаш Костов.

Според него, уште долго ќе продолжиме да се вртиме во маѓепсаниот круг, сè додека не се освестиме за вистинските обврски кон народот, а особено спрема младите.

– Ако е точна констатацијата дека Охридскиот договор е веќе исполнет, тогаш политичките партии во државава треба да склучат нов рамковен или само договор – за економските реформи, политики и мерки што треба да се спроведуваат во наредните најмалку десетина години, во соработка со науката и бизнисот. Новиот рамковен би значел договор меѓу сите релевантни политички партии со учество на науката и бизнисот за мерки за кои ќе постои согласност дека ќе мора да применуваат независно кој ќе биде на власт – рече тогаш Костов.

Експремиерот и банкар тогаш изрази скептицизам дека партиите ќе имаат слух за неговиот предлог, бидејќи се толку поделени и спротивставени што не можат да постигнат согласност или консензус за речиси ниту една мерка, ниту „за тоа на која страна изгрева и заоѓа сонцето“.

Хари Костов, 20 години рамковен договор

– Дали сум јас толку наивен и навистина очекував дека партиите на момент ќе заборават на својата поделеност и дека е можно да склучат ваков договор за економските реформи? Не, воопшто не сум наивен и знам дека овој мој предлог ќе наиде на „тврди уши” и игнорирање, како што беше во 2004 година. Сепак, партиите се чувствуваат удобно да ги трошат самостојно прибраните пари од стопанството и населението кога се на власт, а жестоко да критикуваат кога се во опозиција – рече тогаш Костов.

ДУИ се предомисли за рамковните вработувања

Токму ДУИ, „за која сонцето излегува на запад“ (една од омилените фрази на лидерот на ДУИ Али Ахмети) три години подоцна предлогот на Костов го инкорпорира во својата програма.
Во однос на реформите, покрај јавната администрација, Костов како клучни ги посочи и пензискиот систем, земјоделството и образованието.
ДУИ во неколку претходни изборни циклуси кога стануваше збор за економската програма ја туркаше идејата и приватните фирми и компании да вработуваат според правичната и пропорционална застапеност и се размислуваше тоа да биде или преку субвенционирање на фирмите кои ќе вработуваат рамковно или преку распределба на работата.
Од ДУИ сега велат дека рамковниот договор за економијата нема врска со претходниот предлог за рамковни вработувања во бизнисот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот