Бугарски медиуми: Никој не сака да лета со „македонскиот авион“

Фото МИА.мк

Специјализиранот портал за авиони Ex Yu Aviation пренесе дека бугарската авиокомпанија Гуливер од 21 мај ќе престане да продава билети за летот Софија-Скопје, а според бугарските медиуми ова е уште еден доказ дека Бугарите немаат посебен интерес да ја посетат С. Македонија, „ниту за туризам, ниту пак од деловни или административни причини“.

Засега не е јасно дали летовите ќе бидат целосно откажани бидејќи Скопје и Тирана беа единствените странски дестинации кои ги нудеше Гуливер. Авиокомпанијата ја одржуваше релацијата Софија-Скопје со турбопропинг авион ATR 72-600, кој има капацитет од 65 седишта, со летови во понеделник и сабота.

Линијата Скопје-Софија беше најавена од бугарскиот премиер Кирил Петков како прва мерка за градење доверба меѓу двете земји. Ова беше четврти обид да се воспостави редовен авиопревоз меѓу главните градови на С. Македонија и Бугарија, а претходните три повторно беа неуспешни поради малиот број патници.

Според бугаркисте медиуми, сето ова покажува дека „Бугарите не се особено заинтересирани за С. Македонија како дестинација, а една од можните причини е непријателството на населението и властите кон Бугарите“.

„Тоа не тера да се запрашаме дали треба да посветиме толкава национална енергија за справување со Македонците, со оглед на тоа што ниту граѓаните, ниту бизнисите немаат реален интерес за односите со нашиот западен сосед. И очигледно немаме никакви очекувања да добиеме нешто од евентуалните идни контакти. Фактите покажуваат дека никој не сака да лета со „македонскиот авион“. А заклучокот е дека македонската хистерија кај нас е вештачки наметната од група политичари кои тераат антибугарски цели.“ потенцира Дебати.бг

Во меѓувреме министерот за надворешни работи Бујар Османи, коментирајќи ги информациите дека авиокомпанијата „Гуливер“ ја прекинува продажбата на билети за авиолинијата Софија-Скопје, рече дека според неговите информации, прекинот најверојатно е поради преговорите на компанијата со бугарската Влада околу субвенционирањето на оваа авиолинија.

„ Кога го разгледувавме ова прашање, разговаравме две опции. Првата опција беше да биде целосно комерцијална, односно дали ќе има интерес од страна на патниците, а втората опција – да биде субвенционирана од страна на владите при што Република Бугарија ја презеде обврската за субвенционирање. Мислам дека првата фаза беше обид да се види комерцијалната рентабилност. Според моите информации, мислам дека ова запирање е процес на преговори меѓу компанијата и Владата дали ќе има поддршка или не“ изјави Османи.

Според него, би било добро доколку продолжи функционирањето на оваа авиолинија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот