Мајк Дауни на 12. „Про-За Балкан“ во Скопје

Британскиот писател и филмски продуцент Мајк Дауни ќе ја претстави својата книга „Истарското злато“

Британскиот филмски продуцент и писател Мајк Дауни, на 18 септември, во 20 часот, во Кинотеката ќе го претстави својот роман „Истарското злато“, во издание на „Прозарт медиа“ од Скопје. Гостувањето е во рамките на 12. Интернационален литературен фестивал „Про-За Балкан“, чија официјална програма заврши синоќа со врачувањето на наградата „Прозарт“ на српскиот писател Владимир Пиштало.

Разговорот со Дауни ќе го води Александар Прокопиев, уметнички директор на фестивалот. Дауни е продуцент на копродукцискиот филм „Караула“ во кој учествува и нашата земја.

„Караула“ (2006) е првиот филм по распадот на Југославија во чија продукција учествувале екипи од Србија, Хрватска, Словенија и Босна и Херцеговина и од нашата земја. Филмот е снимен според романот на Анте Томиќ, „Ништо не смее да нè изненади“ („Ništa nas ne smije iznenaditi“), алузија на паролата за концептот на постојана будност на Народната одбрана на Југославија од можна агресија од надвор.

Мајк Дауни е продуцент, филмски автор и активист. Како писател на белетристика, Мајк пишува на многу теми. Неговата огромна архива е составена од објавени текстови во публикации, како „Вог“, „Варајети“, „Скрин“, „Стилс“, „Синеаст“… Исто така, тој е соосновач на „Мувинг пикчрс групација“ за издаваштво во деведесеттите години на минатиот век.

Како филмски автор има работено со сценаристи, како Елрој, Гинтер Грас, Колм Тоибин, Ли Хол, Давид Гросман и заменик-основачот Шејн Смит, како и со еклектичен спектар на режисери, како Агњешка Холанд, Фолкер Шлендорф, Питер Гринавеј, Оливер Хиршбигел и Мохсен Макмалбаф.

Како претседавач на Европската филмска академија, тој е соосновач на Меѓународната коалиција за филмски работници во ризик и една деценија беше повереник на Алијансата „Бела лента“. Бил и визитинг-професор по филм на Универзитетот „Томас Јуинг“ во Охајо.

Во 2021 година тој стана почесен претседател на филмската награда „LUX“, која ја доделува Европскиот парламент, а истата година беше награден со О.Б.Е. на кралската роденденска почесна листа за неговите услуги за британската кинематографија.

Во 2022 година, Универзитетот во Ворвик на Дауни му додели диплома за доктор по литература, honoris causa (D. Lit) за неговиот придонес во светската кинематографија. Книгата „Истарското злато“ го одбележува неговото деби како романсиер.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот