Бранителите сè уште зависат од „огнените“ команданти на ОНА

ахмети фејсбук

Неофицијално, од ДУИ велат дека погрешен е моментот, особено поради фракцијата на ДУИ. Ако ДУИ сега даде поддршка за обесштетување на бранителите, а ќе извисат поранешните припадници на ОНА, бидејќи нивниот статус не е решен, тоа дополнително ќе влијае врз рејтингот на министрите од ДУИ наспроти „огнените“.

Партијата на Али Ахмети нема против да се обесштетат семејства на загинати бранители и инвалиди од војната во 2001 година ако еднакво со нив се обесштетат и семејствата на загинатите и инвалидите од поранешната ОНА, вели за „Слободен печат“ висок функционер од ДУИ. Претседателот на „Достоинство“ Стојанче Ангелов, како владин партнер, бара од премиерот Димитар Ковачевски, со одлука на Владата да се обесштетат 15 семејства на загинати и околу 30 инвалиди од 2001 година, во спротивно ќе ја напушти владината коалиција.

Ковачевски остави простор таа категорија граѓани да биде обесштетена, но неизвесно дали ќе успее да го убеди Ахмети. Во спротивно, Ангелов, иако не прецизира временска рамка до кога ќе чека, за „Слободен печат“ вели дека ако во разумен рок Владата не донесе одлука, ќе замине од „Илинденска“.

„Премиерот изрази подготвеност да разговара. Како „Достоинство“ бараме Владата да донесе одлука за обесштетување на семејства на 15 загинати бранители и околу 30 воени инвалиди од 2001 година. Верувам дека премиерот ќе најде време следните денови да се видиме. Ако на средбата остави простор разговорите да продолжат и во разумен период да се најде решение за тие семејства – во ред, ако не, остануваме на ставот дека ќе излеземе од владината коалиција. Претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, по настаните во „Диво насеље“, со владина одлука ги обесштети семејствата на загинатите и на ранетите, и тоа е во ред. Таква одлука може да донесе и Владата на Ковачевски. По што се разликуваат загинатите и ранетите од „Диво насеље“ со тие од Тетовско кале? И едните и другите ја бранеа државата“;  вели Ангелов.

Тој знае дека излегувањето на „Достоинство“ од Владата нема, како што вели, да предизвика политички земјотрес, но додава дека со тоа бранителите потешко ќе се изборат за нивните барања. Ангелов е разочаран дека минатата недела во Собранието СДСМ не го поддржал предлог-законот за дополнување на Законот за бранителите од ВМРО-ДПМНЕ.

Висок функционер од ДУИ вели дека ако се обесштетуваат семејства на бранителите, тогаш треба да се обесштетат и поранешните припадници на ОНА.

„Ако важи за бранителите, тогаш треба да важи и за припадниците на поранешната ОНА. Ние не кочиме ништо, но треба да важи за сите загинати во 2001 година. Како да ги двоиме?“, прашува функционерот.

Неофицијално, од ДУИ велат дека најмалку сега е момент да се враќаме на конфликтот од 2001 година, особено поради ситуацијата во партијата со фракцијата на ДУИ. Ако ДУИ сега даде поддршка за обесштетување на бранителите, а ќе извисат поранешните припадници на ОНА, бидејќи нивниот статус не е решен, тоа дополнително ќе влијае на рејтингот на министрите од ДУИ наспроти „огнените“.

Ангелов, пак, е дециден дека „Достоинство“ не може да се согласи на еднаков третман на поранешните припадници на ОНА со тој на бранителите, бидејќи првите ја нападнале државата, додека вторите ја бранеле. Според Ангелов, треба да им се помогне на децата на загинатите од ОНА, но тоа треба да го направат нивните невладини организации, а не државата.

Премиерот Ковачевски на брифинг со новинарите рече дека може да се реши барањето на Ангелов за правата на бранителите, но дека тој закон има проблем во усогласеноста со други закони и се обидуваат да најдат решение. Интересно е дека Ангелов не бара измена на законот, туку Владата со одлука да ја обесштети таа категорија граѓани како во случајот со „Диво насеље“.

Иако побаравме, до затворањето на весникот од Владата не добивме одговор дали барањето на Ангелов за бранителите ќе се реши со одлука на Владата или, како што најави премиерот, преку усогласување на закони. Од Владата не ни одговорија дали Ковачевски разговарал со Ахмети за обесштетување на бранителите и дали ДУИ се согласува тоа прашање да се уреди со владина одлука.

Иако во изминативе 20 години по конфликтот имаше најави од ДУИ, досега не е решен статусот на поранешните припадници на ОНА, бидејќи за тоа немаше согласност ни од ВМРО-ДПМНЕ, ни од СДСМ, ниту, пак, има закон за правата на поранешните припадници на ОНА како тој за правата на бранителите. ДУИ бараше закон со кој државата ќе обезбедува околу 200 пензии за семејствата на загинатите припадници на ОНА, месечни надоместоци за работонеспособните инвалиди, бесплатно образование за деца, како и бесплатна здравствена заштита.
Но, факт е дека ДУИ ги вдоми повеќето поранешни припадници на ОНА во државни и во локални институции преку рамковните вработувања. Прашањето за нерешениот статус на поранешните припадници на ОНА честопати предизвикуваше и големи турбуленции во партијата на Али Ахмети, особено од функционерите што во 2001 година беа команданти во паравоената формација.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот