Бочварски: Бараме решение полагањето за сертификат за професионално пловење да биде во Охрид

Благој Бочварски /Фото: МИА

Во постапка се измените на Законот за пловидба, со кој полагањето за сертификат за професионално пловење ќе биде во Охрид, информира министерот за транспорт и врски Благој Бочварски по денешната средба со првиот човек на капетанијата Горан Устијаноски, бродари од Охрид и претставници од Хрватскиот регистар на бродови.

Полагањето за сертификат во оваа област досега се вршеше во Белград и Загреб, но по барање на бродарите тоа да се врши пред комисија во Охрид, ресорниот министер посочи дека очекува да биде изнајдено позитивно решение.

– Во однос на прашањата со полагањата за професионалност, кој сега во моментов се полага надвор од државата имавме барање од бродарите овој тип на полагање да се врати во Охрид, за што сметам дека ќе одговориме позитивно. Министерството ќе ги преземе сите чекори за измена на Законот за пловидба, во кој сакаме да прецизираме дека овој тип на сертификати, односно дозволи би се добивале и би се полагало пред Комисија во Охрид, изјави Бочварски.

На средбата, посочи, била разгледувана и можноста за продлабочување на соработката со претставниците на Хрватскиот регистар на бродови, кои ги имаат сите сертификати да можат да вршат технички прегледи и на нашите пловни објекти.

– Останува прашањето на регулација на кој начин би се продлабочила соработка со Хрватскиот регистар на бродови, во делот на пловидбата, законите и сите процедури со цел да имаме поголема безбедност. Сметам дека во идниот период акцентот треба да го ставиме во регулација на законските можности и услови со цел да ја зголемиме безбедност и конторлата на сите пловни објекти во нашите езера, рече Бочварски.

Тој нагласи дека ќе побараат од Локалната самоуправа враќање на пристаништето под државни ингеренции.

– Министерството за транспорт и врски оваа година обезбеди средства да направиме еден чекор во насока на поголема безбедност и да ги прочистиме пистаништата и овде во Охрид и во Свети Наум. Наскоро ќе ја распишиме постапката за избор на изведувач. Но, секако во однос на состојбата во која се наоѓа пристаништето и кое е под ингеренции на Општина Охрид ќе разговараме и со локалната самоуправа на кој начин да го регулираме тоа, секако со сите процедури бидејќи Охрид е под заштита на УНЕСКО, со кои материјали како би се обновило, да се обезбеди буџет. Сакаме со реконструкцијата на улицата „Македонски Просветители” која ќе заврши до самото пристаниште да се регулира овој дел, но и делот на пристаништето во Охрид, рече Бочварски.

Првиот човек на охридската капетанија Устијаноски посочи дека е потребно постојано надргадување на внатрешната пловидба во однос на инфраструктурата, пловноста и законската регулатива.

– Законот за внатрешна пловидба постојано трпи измени, онака како што доаѓаат измените и во Европската регулатива. Во таа насока имав состанок со претставници на Хрватскиот регистар на бродови, кој според актуелните директиви добива можност да врши технички прегледи на сите пловни патишта во Европа, меѓу кои и на нашите, додаде Устијаноски.

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот