
Битолскиот „Џез фабрика фестивал“ учествуваше на меѓународна конференција на арт-фестивали во Шангај
На покана на „China SPAF 2024“ и „Network of Silk Road Arts Festivals“, битолскиот „Џез фабрика фестивал“ ја претставуваше Македонија на меѓународна конференција на арт-фестивали, која се одржа од 18 до 21 октомври во Шангај, Кина.
Препорачано
Во Центарот за изведувачки уметности „Bocom new bund“ во Шангај се одржа 4-та годишна конференција, која обедини фестивали, институции и културни фондации од 30+ земји и региони. Презентациите опфатија турнеи, копродукции, обука за таленти и идно планирање. Мрежата, основана во 2017 година, се фокусира на „ко-консултации, ко-конструкција и споделување“ и ја зајакнува глобалната културна размена преку соработка, меѓусебно учење и споделување искуства.
Во рамките на конференцијата видеопрезентација за фестивалот и Општина Битола имаше директорот на ЏФФ, проф. м-р Сашо Поповски, кој ги запозна присутните – повеќе од седумстотини делегати, со формата, моделот и реализацијата на фестивалот, како и можностите за културна соработка на Општина Битола со останатите фестивали – градови претставувани од делегатите учесници на конференцијата.
– Конференцијата беше вистинско искуство за мене. Можам да кажам дека ние претставниците од Балканот сѐ уште сме во фазата на сонувачи за тоа како сакаме да изгледат фестивалите. Претставниците од поразвиените европски земји не се многу заинтересирани за искрени соработки. Единствено им се допаѓа духовитоста на Балканците, тоа што сме нон-стоп насмеани и што сме добро друштво.
Од друга страна, кај Кинезите веќе уметноста е прерасната во сериозен бизнис, којшто се мери во билиони јуани (едно евро е 7.8 јуани). Во Шангај има моментално 2.900 театри коишто се финансирани од државата, но и од приватниот сектор. За големите театри, што се со традиција над 200-300 години, не можеме ни да замислиме колку средства генерираат. И од друга страна, тука е и Америка. Центрите „Линколн“ и „Кенеди“ беа претставници. Тоа е сосема друга индустрија. Само минатата година „Линколн центарот“ имаше над 6.000 перфрорманси. Бројот на продадени влезници на конференцијата беше со фантастични бројки. Посетивме и неколку шоуа од кои доста интересна беше традиционалната кинеска опера – изјави директорот Поповски по враќањето од Шангај.
Саемот за изведувачки уметности на меѓународниот фестивал во Шангај (China SPAF) се одржува секоја година за време на неделата на отворањето на фестивалот. Како најголем пазар за размена на изведувачки уметности во азиско-пацифичкиот регион, тој повикува уметнички групи, уметнички институции и многу уметници од целиот свет да се собираат заедно секоја година во октомври.