Битката за Истанбул и Анкара е битка за иднината на Турција

Имамоглу им отпоздравува на симпатизерите од кампањски автобус - Фотографија ЕПА, Ердем Сахин

Судбината на Турција е во вашите раце. Со еден глас можете да промените сѐ што е лошо во Турција, апелираше градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу

Локалните избори во Турција в недела се своевиден референдум за довербата во претседателот Реџеп Таип Ердоган, но и тест за опозицијата дали има капацитет да ја задржи власта во најголемите градови, во кои победи пред пет години.

На изборите во 2019 година владејачката Партија на правдата и развојот победи во 39 општини, но кандидатите на опозициските републиканци беа избрани за градоначалници на најголемите градови – главниот Анкара, Измир и Анталија. Најжестоката битка се водеше во Истанбул, каде што кандидатите беа изеденачени и изборите беа повторени. Во прегласувањето победи опозицискиот кандидат Екрем Имамоглу, што многу тешко го погоди претседателот Ердоган, кој подемот до државниот врв го почна токму како градоначалник на најнаселениот град на Турција.

На овие избори ситуацијата драстично се промени. Турбулентниот период почна со пандемијата, а продолжи со војни во соседството на Турција – прво руската инвазија врз Украина, а потоа и терористичкиот напад на Хамас врз Израел и суровиот контранапад во Газа. И двете војни силно се одразија во Турција – членка на НАТО што одржуваше добри односи со Москва и заштитник на Палестинците што одржуваше добри односи со Израел. Економскиот пад, како последица на пандемијата и војните, уште повеќе се засили поради катастрофалниот земјотрес во кој загинаа 50.000 луѓе. Кризата се одрази и врз рејтингот на претседателот Ердоган и на неговата партија, но за многумина во Турција тој е единствениот што би можел да го одржи балансот во турбулентното време. Изборите ќе одговорат и на прашањето дали општата криза е поважна од локалните проблеми на граѓаните.

Истанбулскиот градоначалник Екрем Имамоглу е убеден дека во својот мандат направил доволно за да ја задржи функцијата.

– Ние донесовме просперитет во Истанбул – изјави Имамоглу на еден од завршните преризборни митинзи.

Проблемот е што сега тој ја нема поддршката од националистичката партија ИЈИ и кампањата ја води сам. Анкети објавени во февруари укажуваат дека тој сѐ уште има мала предност во однос на главниот предизвикувач – Мурат Курум од владејачката партија АКП.

– Секако дека борбата ќе биде неизвесна. Меѓу опозициски определените гласачи е присутна апатија по поразот на парламентарните избори. Расцепканоста на опозицијата го засилува впечатокот дека промените се тешко возможни – изјави за весникот „Гардијан“ Беркај Мандираџи од Меѓународната кризна група.

Имамоглу води битка и против Курум и против Ердоган, поради што во кампањата говореше против „нашите ривали“. И гласачите, всушност, се убедени дека избираат помеѓу Имамоглу и Ердоган.

Претседателот, кој се вклучи во кампањата за локалните избори, ги повикуваше граѓаните да гласаат за АКП „за да се одбранат од непријателите“.

– Во заседа чекаат оние што не можат да ја проголтаат зголемената моќ на Турција во регионот и во светот или нејзините принципиелни и фер позиции – изјави Ердоган на митинг во северната провинција Токат.

Имамоглу ги дефинира изборите како решавачки за иднината на Турција. Ако опозицијата ја задржи власта, би задржала и надеж дека може да води политичка битка со АКП. Ако, пак, изгуби, ќе ја изгуби довербата и од сопствената база.

– Судбината на Турција е во вашите раце. Со еден глас можете да промените сѐ што е лошо во Турција, апелираше Имамоглу.

И Берк Есен, политички аналитичар на Универзитетот Сабанџи, смета дека победата на Имамоглу во Истанбул би можела да ја заздрави опозицијата.

– Ако опозициски кандидат може да победи во Истанбул, тогаш барем главната опозициска партија би можела да собере доволно сила да го предизвика Ердоган во следните години – изјави Есен за Ројтерс.

Изборите во Истанбул се сметаат за поважни отколку во сите други општини. Градот на два континента со повеќе од 16 милиони жители има буџет од 516 милијарди лири (16 милијарди долари). Главниот град Анкара, за споредба, има буџет од 92 милијарди лири. Градоначалникот на Анкара, Мансур Јаваш, според анкетите има убедлива предност во однос на кандидатот на владејачката АКП, Тургут Алтинок. Турците ќе избираат претседатели на вкупно 81 провинција како и регионалн градоначалници, окружни и локални одборници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот