Битиќи: Нема да дозволиме партиско-политичко профитирање на иницијативата „За татковината со љубов“

Фатмир Битиќи / Фото: МИА

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи во објава на Фејсбук сподели повеќе информации поврзани со платформата #ЗаТатковинатаСоЉубов, за која изминатите денови се отвори полемика во јавноста. Потенцира дека планираат во неа да ги вклучат сите заинтересирани релевантни експерти за поединечни теми на интерес, но оти нема да дозволат, како што вели, никакво компромитирање на оваа благородна иницијатива, ниту пак какво било партиско-политичко профитирање.

Како што пишува во објавата Битиќи, активни членови на платформата моментно се:  Агим Мамути; Благица Петрески; Борче Треновски; Борче Смилевски; Борис Ефтимовски; Ванчо Узунов; Веле Самак; Висар Адеми; Вељанд Рамадани; Виктор Мизо; Горан Рафајловски; Зоран Кочоски; Игор Ивановски; Игор Андреев; Коста Петров; Љупчо Зиков; Марјан Петрески; Никица Мојсовска Блажеска Никола Поповски;
Нина Фити; Олимпија Заевска Христова и Сашо Ќосев.

Битиќи појаснува дека станува збор за неформално тело, односно како што вели, платформа за дискусија со луѓе кои можат да дадат мислење, совет или експертиза за да дојдеме до поквалитетни предлози и политики. Тие, укажува, не се професионално ангажирани како советници во мојот кабинет или во Владата, ниту нивните мислења се обврзувачки за Владата ниту пак ќе примаат каков било надомест.

Покрај оваа неформална група, наведува вицепремиерот,  секојдневно разговарам со различни претставници од бизнис заедницата, академци, граѓани. И нивните барања и мислења влијаат на предлозите што ние потоа ги даваме и ги усвојуваме како Влада. Секако, Владата работи по свои јасни методологии и процедури и секоја дискусија и консултација која ние како политички претставници ја правиме, на крај се преточува во одредена предлог одлука, политика, стратегија, акциски план и за сето тоа е навремено информирана јавноста.

-Составот на #ЗаТатковинатаСоЉубов е флуиден, односно ќе се менува во зависност од темата. На првиот состанок имаше повеќе од 20 економски експерти од различни области. Сега веќе се пријавија уште десетина други што би сакале да учествуваат на наредните состаноци, информира Битиќи.

Дополнува дека експертите присутни на првиот иницијален состанок на платформата „За Татковината Со Љубов” се домашни професионалци од повеќе различни економски области, кои се подготвени да го стават својот капацитет во функција на државата. Тие, потенцира, доаѓаат од различни политички провениенции и економски школи, но заедничко за сите нив е што се отворени за соработка и совети во интерес на забрзан економски развој, долгорочно планирање на развојот на економскиот систем и доброто на државата. Членовите во платформата „За Татковината Со Љубов” ова го прават волонтерскии јас сум благодарен што сите овие луѓе изразија подготвеност про-боно да одвојат време и да дадат совет, коментар, мислење или идеја во интерес на нашата земја. Засега планирана динамика на состаноци е еднаш месечно.

-Тенденција ни е да ги вклучиме сите заинтересирани релевантни експерти за поединечни теми на интерес и составот верувам дека ќе се проширува значително во иднина. Повеќе различни аспекти на гледање на работите, можат само да бидат од корист. Сите заедно ние сакаме да покажеме дека без оглед на сите останати разлики, патот за просперитет на нашата татковина е поважен од било што друго.  Нема да дозволиме никакво компромитирање на оваа благородна иницијатива, ниу пак какво било партиско-политичко профитирање. Сите кои сакаат да помогнат се добредојдени. Токму разноликоста на оваа платформа, од повеќе аспекти, е значајна бидејќи таа ќе продуцира инклузивни насоки кои ќе бидат конструктивно анализирани од повеќе агли, се со крајна цел да произведат патека за нашата економија која ќе биде долгорочно кохерентна и конзистентна. Мојата врата е и останува отворена за сите професионалци и експерти кои што сакаат да се вклучат и да помагаат во интерес на граѓаните, порачува Битиќи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот