Билјана Дебарлиева: Македонската жена е столб на семејството и столб на општеството!

Facebook

Со Билјана Дебарлиева, се разбира дека знаете која е, – прпознатливото лице од малите екрани, зборуваме за македонската жена, негата и стилот.

На што креативно работиш деновиве?

– Креативен дух, чин, пристап, креативноста е најважниот извор за сè во животот. Без неа човек би живеел во една рутина. И не само конкретно во одреден ден или период, креативноста постојано треба да биде присутна, да ја применуваме и да ја покажуваме во најразлични аспекти, дома, на работа, во секојдневието. Ако не си креативен, не си интересен ниту за себе, ниту за околината. Креативноста не е насочена само кон создавање нешто ново, поубаво или повредно, туку и кон разубавување на постоечкото. Кретивност е кога одбираш што да облечеш, кога се шминкаш, кога готвиш, кога аранжираш нешто. Преку креативноста правиме секој ден и секое нешто да ни се поразлично од претходно.

Што наjпрво забележуваш кај една жена или маж кои не ги познаваш?

-Очите и насмевката на лицето, тоа е првото нешто што го забележувам кај една личност, без разлика дали е маж или жена, познати, пријатели или луѓе кои ги запознавам во моментот. Ми значи, зашто на тој начин го добивам првиот впечаток за една личност. Преку начинот на изразување можам да проценам дали сме сродни души.

Што за тебе значи стил?

– Стилот за мене е целокупниот начин на живот, став, однесување, начин на облекување. Секој има свој стил, односно, негува различен животен стил кој ја карактеризира неговата личност. Уникатниот и единствен стил те разликува од другите, нешто по што те препознаваат во околината.

Кои Македонки според тебе имаат стил и зошто?

– Секаде и секојдневно околу нас забележуваме девојки и жени со изграден, префинет стил, вкус, став, изглед, кои се инспирација за многумина. Не би можела да издвојам конкретни имиња, ги има повеќе кои ме воодушевуваат не само со стилот и изгледот, туку и комплетно како личности. Многу од нив ми се и лична инспирација, да „украдам” по некоја идеја  која ќе ја искористам креативно за да подобрам или разубавам нешто кај себе.

Облеката го прави човекот?

– Вечна дилема и различни размислувања кого и да прашате. Да, првиот впечаток е многу важен, убаво облечен човек, педантен, уреден, секогаш остава добар впечаток кај секого, ама мислам дека не секогаш е доволно само тоа, или подобро кажано- човекот како прво го прави неговиот карактер, а облеката е дел или одраз на неговата личност. Грешиме кога врз основа на облеката правиме проценка за каква личност станува збор. За жал, се почесто ја применуваме фразата “облеката го прави човекот” и предвреме судиме за личноста и нејзиниот карактер.

Во празничната сезона на што не би штедела?

– Декември е најубавиот месец,  зашто сите, колку и да сакаме да си признаеме или не, сме во таа претпразнична атмосфера и еуфорија. Не би штедела и не штедам на подароци, зашто сакам и среќна сум кога некому нешто ќе подарам. Никогаш не сум направила грешка во изборот, зашто одлично го познавам стилот и желбите на моите драги луѓе. Нивната среќа е и моја среќа!

Како ја одржуваш твојата фит форма?

– Немам посебна формула и рецепт на кои стриктно се придржувам. потребна е умереност во се, не се лишувам од ништо, ама гледам да најдам златна средина и кога некогаш ќе претерам знам да си кажам стоп, сега е време за вртење нова страница и мала корекција во уживањето во храната. Пијам многу вода, пешачам, јадам овошје и зеленчук и мислам дека на тој начин одржувам некаква рамнотежа која е добра и за надворешниот изгледт и за здравјето.

Како би ја дефинирала македонската жена?

– Мајка, сопруга, пријателка, партнерка, столб на семејството, столб на општеството! Убава, горда, способна, посветена жена која знае да одговори на сите предизвици, да се исправи гордо пред сите проблеми, да се стреми да ги реши истите, жена која и покрај сите обврски знае да биде убава, расположена, дотерана, среќна!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот