Библиотеката на Хилда

Фото: Ерол Шаќири

Библиотеката е сместена во атељето на покојниот великан на македонската уметност и сопруг на Хилда, Димитар Кондовски – Конде (во август се навршуваат 26 години од неговата смрт). Библиотеката е една ретка колекција од најзначајните светски книжевни дела, која брои илјадници книги. Се простира во должина и висина на атељето, со дрвени рафтови на кои систематски и педантно се наредени книгите. Опкружена со слики, цртежи и пејзажи од покојниот сликар.

Како една од најблиските фамилии со фамилијата Кондовски, ја имав привилегијата да ја користам библиотеката кога и да имав потреба, во секоја доба. Меѓутоа, постоеше тука еден ред и правила кои мораа да се почитуваат доколку било кој сакаше да ја користи библиотеката, а ја користеа сите кои беа блиски на семејството Кондовски.

Првата фаза, која јас ја нарекувам градење на доверба, беше фаза во која можеш да читаш само во атељето, книгата дома не можеше да се земе. Хилда ќе ми ја дадеше побараната книга, ќе ми направеше сок или чај, задолжително колаче и јас почнував да читам. Додека Конде беше жив, ја имав привилегијата и задоволството да уживам во читањето и истовремено да бидам сведок на создавањето на некое од неговите ремек дела. Во средината на атељето имаше неколку штафелаи на кои Конде твореше, наоколу слики, отспротива камин кој зиме полека крчкаше, мирисот на свежите бои насекаде се чувствуваше, во позадина класична музика во која Конде уживаше. Секогаш расположениот Конде поголемиот дел од времето беше во атељето, па ќе прашаше заинтересирано што читам за да се надоврзе со некоја мудра мисла, досетка или толкување на делото што го читав.

Мала дигресија од темата, еднаш овој великан го навредив, бев дете не разбирав, па го прашав дали може да ми наслика нешто па јас како мој труд да го однесам на училиште за да добијам оцена 5 по ликовна уметност. Ме погледна со еден поглед кој се уште го паметам, а не можам да ви го доловам, лицето му беше сталожено, со подочњаците изразени кои му беа заштитен знак на тоа лице, се насмеа слатко, ми даде блок и молив и ми рече: „Цртај дете“. Така Конде ја прифати навредата од едно невино дете кое не разбира, со надеж дека некогаш ќе разбере. И разбрав, пораснав, созреав, сфатив дека јас од “Рембрант“ побарав да ми нацрта нешто за да добијам “мочана“ 5 по ликовна уметност, која во суштина ништо не значи. Затоа што скроз одличен ученик како мене мораше по сите предмети да има 5-ка, па и по ликовно, иако е класичен антиталент сликарски, што од правоаголна куќа повеќе не умее да нацрта. Но, за ова подолу, да се вратам на насловот.

Втората фаза се состоеше од добивање дозвола книгата да се однесе дома и откако ќе се прочита, веднаш да се врати. А ова се случува откако љубовта кон читањето и односот кон книгите е веќе докажан, што пак значеше не виткање на страниците, не бележење на истите, нежно листање и тн.

Третата и последна фаза се состоеше од земање на повеќе од една книга. Во втората фаза не можев да земам друга книга, без претходно да ја вратам таа што ја должам. Во една прилика, имав земено книга по мој личен избор, надвор од рамките на училишните обврски, па отидов да земам лектира која требаше итно да ја прочитам, но тоа не помина. Хилда ми рече: “Дечко, прво врати ја книгата која ја должиш, па после земи друга“, и тука немаше, „ама“, „но“, не во втората фаза. Во третата фаза значи се влегуваше кога ќе ја докажеш твојата љубов и целосна посветеност на книгите и почит кон истите. Кога книгата ќе ја вратиш во состојба во која си ја земал, да ја вратиш во реален рок, а најбитно од се, кога ќе прочиташ се што Хилда ќе ти дадеше. А таа жена не беше лесна, ти ќе ја побараш Злосторство и казна, ти треба за на училиште, таа ќе те седне да ги читаш Идиот, Коцкар, и се останато од Достоевски, се додека не завршиш со него, па после се префрлаш на друг. И од ова немаше бегање, затоа што Хилда бараше и да дискутирате на тема на истите.

Така беше тоа во моето детство, а како е сега? Колку чита нацијата, колку читаат младите? Не можев да најдам релевантно истражување освен едно од 2014, каде се вели дека бројот на млади луѓе кои воопшто не читаат книги се зголемил за 3 пати од 1984 до 2014, до денес, не можеби, туку сигурно е зголемен за 5 пати. Колку јас гледам, денешната младина, поголемиот дел од времето го поминува на социјалните мрежи, претежно читајќи глупости, коментирајќи на се и сешто со еден изразито “богат речник и интелектуален тон“. Кога не се на социјалните мрежи, тие се пред телевизор, гледаат Reality Show или некоја серија, или пак играат некои игрици на интернет, Play Station и тн. Затоа што не ги гледам ни на улица да спортуваат и да се дружат директно, а не виртуелно. Не знам за другите улици, но на мојата, детскиот џагор повеќе го нема.

Никако не сум против технологијата, но барем во некоја мера да се користи со цел оформување и надградување на самите како личности. Гледањето на ријалити емисии и „висењето“ по социјалните мрежи не придонесуваат за духовниот развој на поединецот, а тоа пак доведува до разградување на човечкиот субјект, до атрофија на мозочната маса. Знаењето е напуштено, менталната хигиена отсуствува. После ќе ни вадат просек од IQ 82, што не верувам дека е реален, но сепак мислам дека како сме тргнале ќе ја спуштиме границата и под тоа ниво. Со ваков „развој“ на нашето општество, јас сум сериозно загрижен за моите и сечии деца, за сегашната младина и идните поколенија.

Парадоксално, токму напредокот на технологијата ги направи книгите подостапни од било кога. Сега има апликации на телефоните каде е-книги може да се читаат бесплатно, само има ли кој да чита е прашањето? Дури и електронското читање е подобро за младите, затоа што средината во која живееме малтене исмева секој што чита книга во парк, автобус или кафиќ. Со телефоните може овие „критичари“ да се надмудрат, вие читате е-книга на телефонот, а тие мислат дека „шљакате“ по социјалните мрежи и добивате одобрување.

И сега, кого и да прашате што не чита, ќе ви даде стотина изговори, затоа што такви сме ние во суштина, секогаш бараме изговори, а никогаш решенија.

Да се вратам кратко на 5-ките, а на ова ме потсети ситуацијата пред неколку недели кога министерот за образование требаше да интервенира во гимназијата „Орце Николов“ да се запишат сите неколку стотини ученици со сите оцени 5 од основно училиште. Пред многу години, мислам во Данска било, во разговор на тема образование, во една прилика татко ми спомнал дека син му, има оцена 5 по сите 13 предмети, за сите 8 години основно образование. Странциве воодушевени, почнале да му честитаат, „Господине, па вие имате син генијалец, знае математика, историја, јазик, географија, физика, хемија, знае да свири инструмент, знае да пее, знае да слика, да спортува, па браво“. А јас, барем на два предмети требаше да имам реално 3-ка, музичко воспитување и ликовна уметност (теорија 5-ка, пракса 1-ца, средна оцена 3-ка).

Татко ми посрамено одговорил: „Не е само син ми, во нашата држава 90% од учениците се генијалци, затоа сме таму кај што сме“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот