Тој беше рок-легенда и првата личност заразена со ХИВ во Југославија

„Шарло Акробата“ / Фото: Фејсбук/Фондација „Милан Младеновиќ“/Горан Вејвода

Иван „Ивица“ Вдовиќ важел за принц на југословенската алтернативна сцена, еден од најдобрите тапанари во регионалната музика и основоположник на „новиот бран“ во Југославија.

Вд, како што му бил прекарот (пријателите го викале и Ица), е роден на 14 март 1961 година во Белград.

Музичката приказна на Вдовиќ започнала уште во средношколските денови. Кога бил трета година, тој станал член на групата „Лимоново дрво“, чии членови постојано се менувале. Во последната постава на групата биле Вдовиќ, Милан Младеновиќ и Душан Којиќ – Која, кои набрзо ја формирале групата „Шарло Акробата“.

Албумот „Бистрији или тупљи човек бива кад …“ е култно музичко парче на „Шарло Акробата“, а името на албумот потекнува од книгата на Васа Пелагиќ – „Народни учитељ“.

Распадот на групата започнал кога Вдовиќ предложил во групата да се придружи Горан Вејвода и, евентуално, неговата тогашна девојка Беби Дол. Милан ја прифатил идејата бидејќи сакал да се вметне синтисајзер во групата, а Горан Вејвода знаел да свири. Душан Којиќ – Која не се согласувал со идејата и сметал дека „Шарло“ има уште многу да понуди во истиот состав. Во октомври 1981, тие се распаднале.

Младеновиќ го препознавал потенцијалот во идеите на Вдовиќ, па затоа ја формирал групата „Катарина II“ со него. Имено, Вдовиќ бил главниот двигател на таа приказна и тој ја донел Маргита „Маги“ Стефановиќ (клавијатури) во групата, со која и се забавувал во тој период.

Покрај нив тројца, групата ја сочинувале и Бојан Печар (на бас) и Драгомир Михајловиќ – Гаги (на гитара) , кој ја напуштил оваа „приказна“ во 1985 година.

Потоа, следела промена во составот – Вдовиќ си заминал од групата. Во 1985 година, тој дознал дека е позитивен на ХИВ и, наводно, бил прва официјална личност заболена од овој вирус во Југославија.

По дијагностицирањето со оваа тешка болест, неговата блиска пријателка Соња Савиќ вели дека целиот град му го свртел грбот.

„Во 1985 година, Ивица отиде да се тестира за некоја чудна болест што се појави во Белград. Се врати и му кажа на целиот град дека е заразен од СИДА. Ова е грд и мал град – му го сврте грбот. А, тој многу гордо, достоинствено и скромно свиреше на тапани уште година и пол оттогаш“, раскажала Савиќ.

Вдовиќ починал на 25 септември 1992, како прва официјална жртва на СИДА во Југославија.

Трагичниот крај на Маргита Стефановиќ: Беше рок-принцеза во Југославија, а умре како бескуќница

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот