
Беше почесен амбасадор на културата на Македонија, а за љубовта со неговата Сенка зборуваше цела Југославија: На денешен ден беше роден Зафир Хаџиманов
Зафир Хаџиманов македонски пејач, композитор, глумец и поет е роден на 25 декември 1943 година во Кавадарци, каде го поминал своето детство. Неогвиот татко Васил е прв од семејството Хаџиманови кој својот животен век го посветил на фолклористиката, а зад себе оставил над 5.000 записи од македонски изворни песни.
Препорачано
Зафир Хаџиманов дипломирал на Факултететот за драмски уметности во Белград, во 1967 година. Тој речиси целиот животен век го поминал во Белград, во брак со една од најпознатите југословенски пејачки Сенка Велетанлиќ – Хаџиманов, со која го имаат синот Васил Хаџиманов, познат џез-музичар.
Хаџиманов ги испеал познатите „Како Вардар“, „Љуби ме и главата горе“, „Од љубов не се бега“, а во 2007 година бил промовиран за почесен амбасадор на културата на Македонија во Србија.
Глумел во неколку филмови меѓу кои и „Македонска крвава свадба“ толкувајќи ја главната улога на филмот Спасе. Учествувал на многу фестивали во поранешна Југославија.
Автор е на стихозбирките „Шансони на хартија“, „Азил“, „Народен пејач“, „Пес-Пејачка“ и „Брат“, објавени на македонски и на српски јазик.
Хаџиманов е носител на повеќе награди и признанија на фестивали за поезија и музика, меѓу кои на Струшките вечери на поезијата, во 1975 година и на Интернационалниот фестивал на шансони во Загреб, во 2003 година.
Кога навлегол во осмата деценија од животот, Хаџиманов се соочил со бројни здравствени проблеми, а на 27 март 2021 во Белград, починал како последица на инфекцијата со вирусот КОВИД-19.