Белата техника остава „црни дамки“ со својот неквалитет, ОПМ затрупана со поплаки за квалитетот на апаратите за домаќинство

Бела техника машини за перење во продавница / ,,Слободен печат'' - Драган Митрески

Во изминативе години, неквалитетот на белата техника станува епски, а и покрај високите цени речиси секоја втора машина за садови или за сушење, фрижидер, шпорет и плотна, а да не зборуваме за лаптоп компјутерите, телевизорите и мобилните телефони, дома се носат со некој дефект

Нови, неотпакувани, а расипани, потскршени, чукнати или со излупена боја. Граѓаните не може да се израдуваат од новите кујнски апарати, а што ќе излезе од пакувањето е рамно на лотарија. Во изминативе години неквалитетот на белата техника стана епски, а и покрај високите цени речиси секоја втора машина за садови или за сушење, фрижидер, шпорет и плотна, а да не зборуваме за лаптоп-компјутерите, телевизорите и мобилните телефони, дома се носат со некој дефект. И тогаш настапува втората фаза – отстранување на проблемот, при што ќе ви побели косата додека да ја исправите работата. Тоа може да се прочита и низ статистиката на Организацијата на потрошувачите, која лани добила дури 822 поплаки за купувањето на овие апарати, од вкупно 1.523 пријавени проблеми во трговијата.

– Најголем број од поплаките се однесуваа на проблемите со остварување на правата од гаранција и сервисирањето на производите, особено на оние од белата техника и другите технички апарати. Револтот е присутен, бидејќи потрошувачите чекаат подолг рок производот да стаса на ред за сервисирање и да им биде поправен. Да не зборуваме за сè поинтензивната продажба на производи со фабричка маана и оштетување, а се забележува и пролонгирање на рокот за достава на производот, особено мебелот, кој може да ви биде доставен како оштетен – посочуваат од Организацијата на потрошувачите на Македонија (ОПМ) за „Слободен печат“.

Проблеми има и дури кога се купуваат производи за лична употреба, кога нема да ви ја заменат купената облека.
Пандемијата го смени начинот на купување, па наместо класичниот шопинг, масовно се користеа услугите на онлајн трговците, а некои од нив се појавуваат само еднаш и веќе никогаш.

– Најголем проблем потрошувачите имаат со нелегалната фејсбук-продажба и продажбата преку другите социјални медиуми, каде што се најчесто измамени и оштетени бидејќи им се испорачуваат производи со поинакви карактеристики од нарачаните, производи со недостаток или неупотребливи. Потрошувачите што поднесуваа поплаки во овој сегмент, најчесто се жалат на нелегална онлајн продажба преку социјалните мрежи, при што биле измамени преку заведувачко рекламирање од страна на лажни продавачи што прават профили на социјалните мрежи, а притоа не се регистрирани како правни лица. Во овие случаи се јавуваат проблеми кога потрошувачите купуваат производи преку вакви профили, особено кога ваквите продавачи им праќаат неквалитетен, оштетен или производ различен од нарачаниот, без да им издадат фискална сметка/фактура, поради што потрошувачите немаат можност да ги вратат или заменат производите – објаснуваат од ОПМ.

Некои броила се читаат и поретко од еднаш!

Граѓаните се незадоволни и од високите сметки за струја и нередовното читање на броилата. Дури 138 поплаки се однесуваат на јавните услуги и тоа конкретно за струјата, телекомуникациските услуги, парното греење и работата на јавните комунални претпријатија.

– Во делот на јавните услуги, најзастапени (52) беа проблемите со телекомуникациските услуги, односно незадоволството од испорачаната брзина на интернет, ТВ-програмите, како и високи сметки – прецизираат од ОПМ.

Поплаки има и од работењето на банките и тоа за кредитните продукти, кај кои има високи променливи каматни стапки, проблеми со картички и трансакции, како и услугите од финансиските друштва.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот