Бектеши најави нов пакет антикризни мерки

Зеленчук во маркет / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Министерот за економија Крешник Бектеши денеска најави дека следната недела може да се очекува новиот пакет антикризни мерки.

-Пакетот антикризни мерки вчера беше споделен од Министерството за финансии со Кабинетот на премиерот, со нас и со другите институции вклучени во неговото креирање. Најверојатно мерките ќе бидат објавени и ќе почнат со реализација кон средината или кон крајот на наредна недела, истакна министерот Бектеши, одговорајќи на новинарски прашања по посетата на Скопската пивара.

Претходно, премиерот Димитар Ковачевски кој беше заедно со Бектеши во посета на фабриката, потсети дека Владата одлучи да ја прошири листата на производи со „гарантирана цена“, како и оваа мерка да важи до крајот на годината, а не до 30 ноември како што првично беше најавено.

Ковачевски додаде и дека очекува инфлацијата до крајот на годината да биде под шест проценти.

Со сите мерки што ги преземаме, навистина сум оптимист дека инфлацијата ќе успееме да ја сведеме инфлацијата под шест отсто до крајот на годината. Веќе покажавме дека умееме да ја намалиме дури двојно за само една година, истакна Ковачевски.

Според него, резултатите од мерките во однос на намалување на цените на основните прехранбени производи веќе даваат ефекти, а тоа ќе биде потврдено преку новите податоци за нивото на инфлацијата.

Мислам дека тоа ќе се случи денес или утре. Лично очекувам дека инфлацијата во однос на претходниот месец ќе биде не повеќе од еден процент, а во однос на минатата година за истиот месец под четири проценти, напомена премиерот.

Тој најави дека ќе биде проширена листата на производи со „гарантирана цена“. Воедно, рече, очекува дополнително намалување на цените со предложениот закон за нефер трговски практики со кој се опфатени 26 нефер трговски практики

Од 20 септември годинава, со одлука на Владата, почна да важи мерката за „гарантирана цена“ на вкупно 24 категории прехранбени производи. Цените на производите, согласно одлуката, треба да се најмалку 10 отсто пониски од цените регистрирани на 1 август. Листата на производи со „гарантирана цена“ од 27 септември се прошири и со пијалаците: безалкохолните, газираната и негазираната вода, како и пивото.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот