Деновиве во Скопје се пристигнати 22 танчари од земјите учеснички во проектот

Балканската платформа за танц „Мувинг Балканс“ почна со работа во Скопје

Интерарт културниот центар во соработка со 11 партнери од поширокиот регион го започна проектот „Мувинг Балканс“ (Moving Balkans, https://www.movingbalkans.eu/), како платформа за современ танц, која има за цел да ги обедини и поврзе младите танцови сили од Балканот.

Проектот е поддржан од Европската Унија низ програмата „Креативна Европа“ и во него се обединети центри кои се занимаваат со танц, и тоа „Артлинк фондација“ од Софија, Бугарија, која е и носител на проектот; Интерарт културниот центар, Скопје, С Македонија; Студентски културен центар од Нови Сад, Србија; „Ен-Кнап“, Центар за урбана култура „Кино Шишка“ и Словенечката асоцијација на современи танчери од Љубљана, Словенија; Хрватски институт за движење и танц од Загреб и Хрватски културен центар од Ријека, Хрватска; „Албански танцови средби“ од Тирана, Албанија; Танцов културен центар „Унитива“ од Атина, Грција; Националниот центар за танц од Букурешт, Романија.

Деновиве во Скопје се пристигнати 22 танчари од земјите учеснички, кои заедно со македонските танчари од Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“, во рамки на јубилејното издание на „Танц фест Скопје“, ќе работат со професорите Џоан ван дер Маст од Кралскиот конзерваториум од Хаг, Холандија, Џорџа Д’Амико, танчерка, кореографка и професорка од Италија, која моментално живее во Цирих, Швајцарија, и професор д-р Рисима Рисимкин, деканка на Филмската академија при УГД.

На работилниците како гостин-корепетитор учествува и реномираниот музичар и член на Националниот ансамбл „Танец“, Ратко Даутовски, кој на перкусионистички инструменти ги придружува танчарите и создава извонредна атмосфера.

Работилниците опфаќаат изучување на современа танцова техника со професорката Џорџија Д’Амико, Лабан анализа на движење со професорката Џоана ван дер Маст и креативен процес на создавање кореографија и интерпретација со професорката Рисима Рисимкин. Учесниците се обединуваат во заедничка лабораторија во која учат, истражуваат и споделуваат.

Проектот „Moving Balkans“ ќе се одржува во следните три години и младите уметници од областа на танцот ќе имаат можност да учествуваат во различни настани, како копродукции, фестивали и работилници, со цел да се оформат, зајакнат и развиваат конекциите за да се подигне нивото на развој на современиот танц во целиот регион.

На веб-страницата на платформата „Moving Balkans“ објавен е Отворен повик (https://docs.google.com/forms/d/e/1FAIpQLSck62IgrlJNKavjKopOnzQEbkS9apvHEUi6Feu5j3P5WPhBmg/viewform), на кој ќе бидат избрани 10 современи танцови кореографии, кои ќе бидат претставени на првото издание на „Moving Balkans Contemporary Dance Showcase“, што ќе се одржи во Љубљана, Словенија, Риека и Загреб, Хрватска, помеѓу 10 и 13 мај 2025 година.

Фестивалот ќе ги прикаже продукциите од балканскиот регион и ќе понуди можности за средба, размена на идеи, интеракција со публиката и професионалците од областа на танцот, како и можност да се биде дел од новата уметничка мрежа.

„Moving Balkans Contemporary Dance Platform“ е нова динамична соработка на танцови професионалци од целиот Балкан. Мисијата на платформата е да го подигне нивото на современиот танц во регионот и да го позиционира конкурентно во Европа. Преку регионална партнерска мрежа, изложби, иницијативи за мобилност на уметници, работилници, кокреации и активности за градење капацитети, има за цел да ги зајакне професионалците за танц и ја подигне свеста за енергичната танцова сцена на Балканот, известија од Интерарт културниот центар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот