Балканизација на САД

Љубиша Николовски
Љубиша Николовски. / Фото: Слободен печат

Настаните во САД за нас Македонците се веќе видена работа. 27 април 2017 не беше така одамна кога толпа граѓани упаднаа во македонскиот Парлемент не дозволувајќи мирна транзиција на власта. Можеби и затоа насилството што сега го гледаме при упадот на протестантите во американскиот Конгрес ни ги врати сеќавањата од тие мрачни и матни времиња кај нас чии последици сеуште се чуствуваат. Судските процеси сеуште траат, а поделбата што ја создадоа во општеството е длабока и е евидентна.

CNN тогаш извести: Violence breaks out in Macedonian Parliament. За Американците беше тоа попатна вест од некаде далеку во некоја „банана“ држава каде насилството во политиката е нешто нормално и вообичаено. Балканот, мора да признаеме е „корисник“ на насилна промена на власта и на непризнавањето на изборен пораз.

Но кој тогаш би помислил дека за само неполни 4 години ќе се случи истото во центарот на демократска Америка, во Капитол Хил во Вашингтон. Таквата неверица најексплицитно ја искажа поранешниот републикански претседател Џорџ Буш со изјавата дека „Така се оспоруваат изборни резултати во банана републики, а не во нашата демократија“.

Врти, сучи, мечката тропна и на нивна врата. Имено и демократска америка стана неимуна на екстремен популизам во ликот на досегашниот претседател Доналд Трамп.
Буш експлицитно не го спомена Трамп како виновник, но очигледно е дека мислеше на него.
Имено само неколку часа порано Трамп пред насобраните подржувачи рече дека изборите биле украдени и дека тој никогаш нема да ги признае изборните резултати со што ги поттикна подржувачите на упад во Конгресот за да се спречи верификацијата на победата на Џо Бајден. Дури откако насилството почна да кулминира се јави Трамп на твитер за со два збора да ги повика протестантите да се разотидат, но ниту го осуди насилството ниту го прифати поразот.

Тоа многу потсетува на однесувањето на нашите први луѓе во државата Груевски и Иванов, кои со своето делување и со политичките изјави ги подбуцнуваа граѓаните на насилство, а откако тоа се случи избегнуваа експлицитно да го осудат насилството во парламентот. Да не говориме за тоа дека потоа ги оставија на цедило граѓаните кои сега се влечат по судовите.

Она што се поставува како дилема сега е како насилната промена на власта од „систем во банана републики“ одеднаш се увезе во САД. Дали „Балканизацијата“ како феномен за кој веќе се говори во политичката теорија ја зафати и Америка. Или пак „алатката“ на службите на САД (deep state) применета во пракса во „лесни“ демократии, или во т.н. полу диктаторски режими, со која менуваа влади, им се врати по глава. И кој тоа им го стовари пред врата?

Можеби ниту едното ниту другото, туку едноставно популизмот е моќно оружје кое секогаш и во секое општество во светската историја добро проаѓа кај народот. Но зажал не е свесен дека последиците од него повторно ги чуствува истиот тој народ.

САД покажаа повеќе пати досега дека во демократијата претседател може да биде секој.
Но дали баш „секој“ треба да биде претседател на САД имајќи ја моќта на најсилната светска сила!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот