Судан конфликт / Фото AA/ABACA / Abaca Press / Profimedia

Бајден наредил евакуација на целиот персонал од американската амбасада во Картум

Американскиот претседател Џо Бајден во саботата вечер објави дека го отстранил дипломатскиот персонал од американската амбасада во Картум, каде жестоките борби влегоа во втората недела, додавајќи дека Вашингтон привремено ја прекинал работата на својата амбасада таму.

„Денес, по моја наредба, американската војска спроведе операција за евакуација на персоналот на американската влада“, рече Бајден во изјавата, повикувајќи на „крај“ на „бесмислените“ судири.

„Ова трагично насилство во Судан веќе ги однесе животите на стотици невини цивили. Тоа е апсурдно и мора да се запре“, нагласи тој.

Во исто време, американскиот претседател истакна дека редовно е информиран од неговиот тим за неговата работа да им помогне на Американците кои се во Судан и дека работи со сојузниците и партнерите на ова прашање.

Од своја страна, американскиот државен секретар Ентони Блинкен истакна дека САД привремено ги суспендираа активностите на својата амбасада во Картум, откако безбедно го евакуираа персоналот и нивните роднини.

Блинкен објасни дека персоналот бил извлечен поради „неприфатлив ризик“ за нивната безбедност, но не објасни повеќе за операцијата. Според американските медиуми, за евакуација на Американците биле користени воени авиони и хеликоптери.

Освен тоа, не е познат бројот на Американците кои се извлечени, иако станува збор за најмалку 70 лица, според американски функционер кој сакаше да остане анонимен.

„Ние ќе продолжиме да им помагаме на Американците во Картум и ќе обезбедуваме редовни ажурирања за американските граѓани во регионот“, додаде Блинкен во изјавата, во која тој го повтори својот повик до завојуваните страни да го продолжат примирјето што го објавија за Бајрам.

Вчера, Саудиска Арабија објави дека префрлила повеќе од 150 луѓе од Судан до пристаништето Џеда.

Евакуацијата ја изврши морнарицата на земјата со поддршка на други воени сили, истакна саудиското Министерство за надворешни работи, објавувајќи „безбедно пристигнување“ на 91 саудиски државјанин и околу 66 државјани на 12 други земји.

Станува збор за државјани на Кувајт, Катар, Обединетите Арапски Емирати, Египет, Тунис, Пакистан, Индија, Бугарија, Бангладеш, Филипини, Канада и Буркина Фасо.

„Дипломати и меѓународни претставници“ се меѓу лицата евакуирани од Судан, се вели во соопштението на Ријад.

Во меѓувреме, германските министри за одбрана и за надворешни работи рекоа дека одржале итен состанок во саботата за да разгледаат дали е можно да се евакуираат граѓаните на земјата од Судан, откако германските воени авиони беа принудени да направат пресврт од 180 степени во средата, според магазинот Дер Шпигел.

Пред неколку дена САД, Јужна Кореја и Јапонија распоредија сили во соседните земји на Судан, додека ЕУ размислува да преземе слични мерки за отстранување на нивните дипломати и граѓани од земјата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот