
Бабунски пред Лигата на нации: Не сме во позиција да потценуваме ниту еден противник
Македонската фудбалска А репрезентација на 7 и 10 септември ќе се соочи со Фарски Острови и Ерменија, во рамки од новата сезона во Лигата на нации.
Препорачано
Меѓу повиканите е и Давид Бабунски кој ова лето направи трансфер во Шкотска каде што потпиша за Данди јунајтед. Фудбалерот од средниот ред вели дека треба да се запазат некои основни принципи во играта.
– Тоа што се случуваше до сега треба да ни служи да извлечеме некои лекции, да научиме од сè за да бидеме подобри како екипа. Не сме во позиција да потценуваме ниту еден противник, особено во правецот на кој се развива фудбалот денес, сите се подготвени. Ние ќе мора да ги запазиме тие некои основни принципи во играта, во врска со одговорност и тактичка дисциплина. Се надеваме дека доколку тоа успееме да го исполниме, нашиот квалитет, индивидуален, ќе ни овозможи да направиме разлика и да победиме во натпреварот – се зборовите на Бабунски.
Бабунски додаде и дека е среќен во новата средина во Данди, има континуитет и чувствува дека е во многу добра форма.
– Тука сум да се ставам во функција на екипата во која било улога во која селекторот мисли дека можам да помогнам. Тука сум да го дадам максимумот од себе, како и секогаш. Физички сме поспремни, затоа што доаѓаме од една фаза на подготвителен дел, почнавме со подгововки и првите натпревари во сезоната и не би требало да имаме проблем кога е во прашање физичката подготвеност – се зборовите на Бабунски.