
Авторски перформанс на Јасна Жмак ќе биде изведен на фестивалот „Прво па женско“
Како дел од програмата на фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско“ на 26 септември (вторник), со почеток во 20 часот, Јасна Жмак ќе настапи со својот авторски проект „this is my truth tell me yours“ на Академската сцена на Факултетот за драмски уметности во Скопје.
Препорачано
Перформансот „this is my truth tell me yours“ е авторски проект на писателката и драматург Јасна Жмак во кој таа се занимава со својот однос со уметничкото поле на делување, преиспитувајќи ги своите и авторските позиции на другите, како и одговорностите и анксиозностите кои тие позиции ги имплицираат.
– Тргнувајќи од своето лично искуство од 2011 година, кога почнува да страда од тинитус и хиперакузија откако, како дел од публиката, е повикана да пука со театарски пиштол за време на перформансот „Мандиќ Машина“ во режија на Бојан Јаблановец и изведба на познатиот словенечки актер и изведувач Марко Мандиќ, Жмак во оваа „Жмак Машина“, ги истражува начините на кои уметноста ја обликува стварноста во која живееме. Иако навидум неповрзани, темите тинитус и патријархат стануваат централен мотив на ова дело кое жанровски балансира на пресекот помеѓу стенд-ап комедија и перформанс-предавање.
За првпат појавувајќи се на сцената во улога на изведувачка, Жмак се занимава со прашањата на вистинитоста и репрезентацијата, партиципативноста и одговорноста, водејќи нѐ низ своите драматуршки и сексуални искуства и при тоа прашувајќи се себеси и публиката за важноста и смислата на уметничкото творештво во ерата на дивиот капитализам – истакнуваат од „Прво па женско“.
По перформасот следува Q&A со авторката и изведувачка Јасна Жмак и забава со диџеј-сет на Виолета Качакова. Влезот за перформансот „this is my truth tell me yours“ е слободен.
Фестивалот „Прво па женско“ е поддржан од Амбасадата на Шведска, „The Kvinna till Kvinna Foundation“, „Equality Fund“, „Зигрид Раусинг Траст“ и Министерството за култура.