Фото: EPA/Profimedia

Авторката на „Хари Потер“ откри што мисли за актерите што ќе глумат во новата адаптација

Џ. К. Роулинг изјави дека е „пресреќна“ поради изборот на актери што ќе ги толкуваат Хари Потер, Хермиона Грејнџер и Рон Визли во новата телевизиска адаптација на нејзиниот книжевен серијал, која ќе се прикажува на Ејч-би-о, пренесе „Индепендент“.

Вчера беше објавено дека, по кастинг на дури 30.000 млади актери, улогата на Хари ќе ја толкува 11-годишниот Доминик МекЛафлин, Хермиона ќе ја глуми Арабела Стентон, исто така 11 години, а Рон ќе го игра 12-годишниот Аластер Стаут.

Овие три деца ќе ги наследат улогите што ги прославија Даниел Редклиф, Ема Вотсон и Руперт Гринт во осумте филмски остварувања.

Роулинг, која има 59 години и ќе биде извршна продуцентка на серијата, на социјалната мрежа Икс (поранешен Твитер) напиша: „Сите тројца се прекрасни. Не можам да бидам посреќна.“


МекЛафлин, кој потекнува од Шкотска, се школувал во Академијата за настапи во Шкотска и има театарско искуство, вклучително и во претставата „Макбет“ од Вилијам Шекспир, каде настапувал заедно со Индира Варма и Ралф Фајнс. На филмско платно, ќе се појави во претстојната комедија „Растење“ (Grow) на телевизијата Скај, како и во адаптацијата на романот „Надарени“ (Gifted) од Мерилин Кеј на Би-би-си.

Стентон, која ќе ја толкува Хермиона, веќе има настапувано во лондонскиот мјузикл „Матилда“, како и во улогата на Контрол во обновената продукција на мјузиклот „Експрес на ѕвездите“ (Starlight Express) од 2024 година.

Стаут, кој доаѓа од северна Англија, веќе привлекол внимание поради неговата неверојатна сличност со Руперт Гринт. Претходно се појавил во реклама за компирите „Џерси Ројал“ на брендот „Алберт Бартлет“.

Фото: Инстаграм/Ејч-би-о

Телевизиската серија, чија премиера се очекува во 2026 година, ќе биде „верна адаптација“ на оригиналните книги на Џ. К. Роулинг, најавуваат од продукцијата. Секоја сезона ќе биде посветена на една книга од серијалот, а серијата е замислена да трае најмалку десет години. Проектот ќе се емитува на платформата Макс, а класичните филмови ќе останат достапни како дел од франшизата.

Исто така, веќе се познати имињата на неколку големи актери кои ќе ги толкуваат возрасните ликови. Албус Дамблдор, директорот на Хогвортс, ќе го игра славниот Џон Литгоу, додека Папа Есиеду ќе биде Северус СнејпЏенет Мактир – Минерва Мекгонегал, а Ник Фрост ќе влезе во улогата на Рубеус ХагридЛук Талон ќе го глуми професорот Квирел, а Пол Вајтхаус – стражарот Аргус Филч.

Џон Литгоу ќе го глуми Дамблдор во серијата за Хари Потер: „Улогата ќе го дефинира последното поглавје од мојот живот“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот